Loading Video...
Свет
3. March 2025 - 16:36

По тензиите во Белата куќа и Лондонскиот самит, клучна недела за Европа и Украина

По турболентниот викенд почнувајќи со контроверзниот разговор Зеленски-Трамп во Белата куќа и вчерашниот самит во Лондон за нов план за мир за Украина, Европа ја чека клучна недела за нејзината и светската безбедност. За четврток е закажан нов европски состанок во Брисел за зголемување на воените трошоци и конректна помош за Киев како безбедносна гаранција за постигнување на мир.

Иако синоќа лидерите на 12 држави, главно европски плус Турција и Канада, како и во присуство на високи претставници на ЕУ и НАТО испорачаа 4 точки за финансиска и воена помош на Украина, сепак, домаќинот, британскиот премиер Стармер јасно посочи дека договорот за мир не би бил можен без поддршка на САД.

- Прво, ќе продолжиме со воената помош за Украина и ќе го зголемиме економскиот притисок врз Русија за да ја поддржиме Украина. Второ, се согласивме дека трајниот мир треба да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина, а Украина мора да биде на преговарачката маса. Трето, во случај на мировен договор, ќе продложиме да ги поддржуваме одбранбените капацитети на Украина за да се обезхрабри идна инвазија. Четврто, ќе се формира „коалиција на волни“ за одбрана на Украина и која ќе го гарантира мирот - изјави Стармер.

- Навистина треба масовно да ги зголемите трошоците за одбрана. И поради тоа, ни треба јасен, голем план од Европската Унија, од државите членки, и секако за заедничките домени, како што пример се напредните воздушни штитови ни треба заеднички европски пристап, изјави Фон дер Лајен.

Макрон, кој пак веќе беше домаќин на еден ваков состанок, отиде чекор понатаму. Во име на Париз и Лондон предложи едномесечено примирје на руско-украинскиот фронт, но засега европските лидери како да се откажуваат од идејата за распоредување на европски војници во Украина.

 „Предноста на ваквото примирје е што „знаеме како да го измериме“, иако линијата на фронтот е огромна, еквивалент на растојанието од Париз до Будимпешта. Нема да има европски војници на украинска територија во наредните недели“, изјави францускиот претседател за весникот Ле Фигаро веднаш по лондонскиот состанок. 

Во меѓувреме унгарскиот премиер Орбан се уште на ставот дека европските лидери не и прават добра услуга на Украина. 

- Во Лондон, европските лидери одлучија дека е потребна војна, а не мир. Тие одлучија Украина да ја продолжи војната. Ова е погрешно, погрешно и опасно. Унгарија останува на страната на мирот!, изјави Орбан.

Политико пак, објави дека Унгарија уште во петокот го блокирала нацрт-документот за безбедносни гаранции и нова воена помош за Киев за на време на состанокот на амбасадорите на ЕУ. Се работи за пакет од неколку милјарди евра кој исто така треба да биде потврден во четврток во Брисел. Унгарија и лани во мај ја блокираше европската помош од 500 милиони евра за Украина, но подоцна во текот на денот европските лидери го испратија Орбан на кафе за време на гласањето со цел да не стави вето. Против европска воена помош на Украина се изјасни и словачкиот премиер Фицо кој го отфрли пристапот „мир преку сила“.

Откако и европските лидери сепак, ја враќаат соработката со САД како клучна во процесот, Зеленски кој иста така беше на самитот, изјави дека и покрај непријатниот настан во Овалната соба подготвен е да го потпише договорот за користење на ретки минерали со Трамп, како гаранција за американска помош за мир.

- Ако се согласивме дека (договорот за минерали со САД) ќе биде потпишан, тогаш од наша страна сме подготвени да го потпишеме. Искрено мислам дека и САД ќе бидат подготвени. Можеби им треба време да анализираат некои работи.“ ... Сметаме на помош од САД, без сомнение. Мислам дека прекинот на таквата помош само ќе му помогне на Путин. 

Од САД студен туш дека повеќе не се размислува за потпишување на договорот.

„Невозможно е да се постигне економски договор, без мировен договор. Основниот услов за секој економски договор е украинското раководство да сака мир“, изјави министерот за финансии на САД.

Официјална Москва пак, вели дека гледа фрагментирање на стравовите во Западот и дека се уште има држави кои скаат воено да помогнат на Киев, но дека тие остануваат во преговори со САД.

Таму се слушнаа изјави дека финансирањето на Украина мора да се зголеми. Ова очигледно не се однесува на мировен план, туку за продолжување на непријателствата. Ова е нашето разбирање. Останатото ќе зависи од тоа какви мировни планови ќе бидат развиени и изложени на дискусија.

Песокв сепак, не откри детали за нови можни средби меѓу Москва и Вашингтон.