По закана од донаторите од ЕУ забрзана реализацијата на регионалниот центар за управување со отпад
За 3 години мора да биде изграден Центарот за управување со отпад за источниот и североисточниот регион кај светиниколското село Мечкуевци, капитален проект вреден 40 милиони евра. Општините од двата региони годишнo продуцираат 100-тина илјади метри кубни отпад, кој се депонира на локални депонии во субстандардни услови. На државно ниво двата региона беа најнапред во реализацијата, се набавија садови за собирање и возила за транспорт, но потоа проектот стагнира, за од скоро време да дојде до раздвижување по укажување на донаторите од ЕУ.
- Веќе е именувано лице кое ќе биде вршител на должност директор на меѓурегионалното претпријатие кое треба да го води процесот на изградба на оваа депонија. Значи во наредниот период треба да очекуваме брза реализација на изградбаата на депонијата, брза реализација на претоварните станици на кои ќе се складира отпадот од соседните општини, изјави Љупчо Папапзов, градоначалник на Кочани.
Во источниот регион се врши примарна селекција на отпадот, а паралелно се врши и затворање на постоечките депонии во помалите рурални општини. Но според стручната јавност, не треба да се брза со овој процес, зашто во меѓувреме ќе нема каде да се депонира отпадот.
- Да се отпочне најнапред со изградбата на регионалните центри каде што ќе се собира отпадот, потоа да се изградат претоварните станици во одредени делови од градовите и на крај да се изврши затварање на посточеките депонии, па тогаш да се заокружи целиот систем-изјави Игор Спасовски, Директор на ЈП „Солидарност“-Виница.
Интегрираното управување со отпадот и примарната селекција беше тема и на регионалната средба во Кочани, која Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, ги одржува во 8-те плански региони со првите луѓе на општините, директорите на јавните комунални претпријатија и заинтерираните граѓани, со цел подигање на јавната свест до одржливи комунални услуги.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар