Македонија
4. September 2025 - 19:45

Почна судењето за Беланоца

Почна судењето за криминалната група Беланоца- деветемина обвинети, заедно со шефот на групата, Фатљум Ајети Тоте седнаа во судницата во Идризво. Обвинети за најмалку осум убиства, злосторничко здружување, кривични дела поврзани со изнуди, закани, дрога. 

Обвинителката во воведните зборови кажа:

„Ќе видиме луѓе кои од една страна се декларираат како верници-муслимани, а од друга страна се вмешани во убиства, проституција, дрога, а еден од нив имал желба да изврши самоубиствен напад во толпа луѓе, а на истото го учел и неговиот син. Станува збор за луѓе кои немааат јасна кауза и лојалност спрема никој, денес кројат планови да убиваат заедно, а утре се ликвидираат меѓусебно”, кажа обвинителката. 

Во воведните зборови таа пушти извадоци од ТВ емисии и прилози во кои се опишува на кој начин биле извршени убиствата од страна на Беланоца, каде и како. Имаше и сцени кога биле ликвидирани и членови на групата. 

Кога стигнаа до делот каде е прикажано убиството на таткото на Тоте, тој побара од судијката видеото да биде прекинато, бидејќи се навраќал на денот и сцените. Видеото продолжи.

Неговиот соработник Гани Марку, кој е извршител на убиствата кој ги нарачувал Тоте, ја предупреди обвинителкта да не пушта видеа од убиството на неговиот татко. 

„Ја предупредувам обвинителката ако пушти нешто за татко ми, вие сте суделе и за Грчец, истите снимки ги имам и јас, ја предупредувам уште сега ако пушти нешто за убиството за татко ми, нема да го пушти. За татко ми кажувам јас. Поради овие снимки татко ми е убиен”, кажа обвинетиот Марку. 

Обвинетите и нивната одбрана пак се бунеше на начинот на кој обвинителството прибавило докази против нив, односно биле снимани во ќелија во Идризово. 

Обвинителката кажа дека тоа е ПИ мерка за следење во затворен простор, не можеле да се обезбедат докази на друг начин, истите биле законски бидејќи имале информации дека оваа група и од затвор планирала извршување на други кривични дела, а за следењето имале дозвола од судија на претходна постапка. 

Беланоца е вмешана во двојното убиство во Шиша бар, ликвидацијата на шефот на Грчец, Орхан Бајрамовски Оки, дел од нив како нарачатели, извршители, логистика. На товар им се ставаат и други кривични дела. Следното рочиште е закажано за на 12 септември.