Политички препукувања за трагедијата во Карпош, други двајца повикани во станица дека ги нападнале сопругите
Додека Обвинителството обезбедува докази, анализира камери и врши вештачења сопругот на Ивана која заедно со нејзината ќерка скокна од балкон, се наоѓа во 48 часовен притвор. Обвинителството го сомничи дека ја навел на самоубиство, физички ја малтретирал и и ја загрозил сигурноста.
Откако целата македонска јавност се крена на нозе, поради институционалните пропусти, пријавувањето на насилството кое не било спречено, а резултираше со смрт на мајката Ивана и нејзината шест годишна ќерка, политичките партии најдоа причина за да си ја префрлаат вината за оваа трагедија.
Итна оставка на министерот за внатрешни работи, побараа од СДСМ. Иако насилникот и бил познат на полицијата, имал 10 кривични пријави, но и пријави за насилство, МВР ништо не направило да го спречи. Бараат темелна истрага со која ќе се утврди одговорност кај сите службени лица кои потфрлиле.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат опозициската партија да не собира политички поени од трагедијата. За разлика од порано велат, виновниците сега имаат имиња и презимиња.
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДС во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош. Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија.
Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии.
СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија, соопштија од владејачката партија.
Во меѓувреме и денеска полицискиот билтен е исполнет со пријави каде сопрузи физички ги нападнале своите жени.
Во 10 часот утринава на службен разговор во полициската станица во Кисела вода бил повикан 39 годишник од Скопје, дека синоќа во семејниот дом физички ја нападнал неговата 22 годишна сопруга. Во истата станица денеска, службен разговор бил извршен и со друг 49 годишен скопјанец, дека на први март во домот физички ја малтретирал 40 годишната сопруга.
Измените на Кривичниот законик за гонење на насилникот по службена должност стапија на сила пред речиси еден месец. Со нив, полицијата може да го гони оној што физички малтретира и без жртвата да го пријави. Министерот Тошковски вчера најави дека ќе испрати телеграма до сите полициски службеници да ги викаат на разговор потенцијалните насилници. Но како ќе тече понатамошната постапка за насилниците со новите измени, покрај информативниот разговор, останува да се види.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
