Македонија
13. November 2022 - 16:29

Поречани задоволни: Нема доволно костени за да се задоволи побарувачката

Во Македонски Брод се одржа 15-тата по ред јубилејна манифестација Костенијада. Костенот е најкарактеристичниот и најпознатиот плод од Поречието кој што е баран низ цела Македонија, па и пошироко. Поречани велат дека нема толку костени колку што има побарувачка за нив. Костените се простираат на површина од околу 110 хектари, сите се во приватни поседи, а годишно се произведуваат од 50 до 100 тони. Освен костенот се бараат и слаткото од костени, како и медот од костен, кој се смета за најквалитетен мед од сите видови.

„На македонскиот пазар повеќе се барани костените од Поречието бидејќи квалитетот е многу добар, чисто, природно, нема ништо прскано. Значи побарувачката е голема, нема толку костен колку што има побарувачка“, рече Цветан Радевски, производител на костен.

„Медот од костен е еден од најквалитетните медови во Македонија и е доста баран на пазарот. Медот од костен се разликува по специфичната боја, црвена боја и е потежок за разлика од другите медови, значи појак мед и потежок за јадење“, вели Саше Ристески, производител на костен.

Од Општината велат дека биле во интезивни преговори со повеќе комопании за да се отворат економски капцитети во Брод за откуп и преработка на костенот.

„Ние како локална самоуправа несебично се вложуваме во привлекување на инвеститори кои ќе прават производ или полупроизвод од костен и како полупроизвод или краен производ ќе излегува од нашето Поречие и ќе биде на европските пазари“, кажа Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

Имаше претставници и од Министерството за дијаспора кои пред неколклу дена отворија и канцеларија во во Брод и од каде најавија дека овие инвестициски можности ќе ги презентираат и кај нашите иселеници.

„Во тој дел имаме огромен проект, мапирање на нашата дијаспора, што истовремено целта е да го повлечиме тој капитал тука кај нас“, истакна Албер Деди, советник на министерот за дијаспора.

Како дел од манифестацијата се одржа и уникатна изложба на ракотворби од костен кои ги изработија децата од средното и основните училишта во Македонски Брод.

„Од година во година етнолошката изложба „Златен костен“ зема поголем замав, имаме позаинтересирани ученици, родители и сите тие кои можат да учествуваат во самата креација и помош на нивните деца“, изјави Милена Стојческа, директор на Домот за култура во Македонски Брод.

За сите присутни се одржа и дефиле од учесниците на манифестацијата од Домот за култура до центарот на градот, каде пак за сите кои беа дел од Костенијадата се одржа и културно уметничка програма.