Македонија
3. September 2017 - 16:04

Посетител претепал пациент на Кардиологија

Син на пациент претепал друг пациент на Кардиологија. Момче на околу 30 години во чевртокот околу 1 часот по полноќ успеал да влезе на Клиниката и се упатил во собата каде бил хоспитализиран татко му.

Поради бучниот разговор реагирал друг пациент кој бил сместен во истата соба, по што гостинот почнал да му се заканува и физички го нападнал.

Од Кардиологија го потврдуваат случајот и велат дека непознатиот го искористил моментот да влезе внатре кога портирот помагал во носењето на итен пациент со инфаркт на интензивна.

Од МВР потврдија дека имале пријава од граѓанин за инцидентот. По овој немил настан се отвора прашањето кој се грижи за безбедноста на пациентите. Од Кардиологија велат дека немаат посебно обезбедување на Клиниката туку само портири кои работеле во смени, а по потреба го користеле и Клиничкото обезбедување. За да нема вакви инциденти во иднина од здравсвената установа ќе си ангажирале агенција, за што тендерот бил при крај. 

За случајот на Кардиологија денеска реагираа од ВМРО ДПМНЕ.

-Пациентите со право прашуваат дека во здравствените институции сега освен за своето здравје треба да стравуваа и за својот живот и да не станат жртви на насилници.

Клиниката за Кардиологија, министерството за здравство и Владата на СДС се обидуваат да го заташкаат овој случај и затоа молчат. Ниту има информации, ниту има одговорност од првиот човек на Клиниката, ниту има расчистување на ова срамно дело, изјави Марија Андоновска, од ВМРО ДПМНЕ.

Додека траеше изјавата, од Кардиологија ја прашаа претставничката на опозициската партија дали има дозвола за држење прес конференција бидејќи се наоѓала на просторот на Клиниката.

По овој инцидент претставничката на ВМРО ДПМНЕ се премести неколку метри подалеку од Клиниката за Кардиологија.