Македонија
8. April 2022 - 12:19

Пост-ковид пациенти ги полнат болниците

Во Прилеп иако ковид скоро и да нема, драстично се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти на сите одделенија во болницата, кој достигна 70, колку што немало со години наназад. Најмногу ги има на интерното одделене, хирургија и психијатриското одделение. Според стручните лица најверојатно причина за тоа е ковид 19, затоа што најголем дел од овие лица или имаат пост ковиди симптоми или за овие 2 години поради пандемијата не можеле да стигнат да се прегледаат за другите болести кои ги имаат.

„Ова се пациенти кои можеби поминале ковид или не, не е потврдено, но си имале свои други претходни коморбидитети или пакк нови диијагнози кои сега се појавиле. Можно е ова да се последици и од ковидот и од тоа што дел од нив досега немале можност да си ги откријат тие коморбидитети, па сега доѓаат до израз како резултат на прележан ковид. Немаме соодветна анализа, но бројката укажува на тоа дека сега таму ќе се преслика работата во другите одделенија“, истакна Кети Смилеска, директор на општа болница Прилеп.

Според директорката болницата можела да се справи со овој нов бран на хоспитализации, но признава дека кубурењето со кадар е долгогодишен проблем кој не е ерешен. Недостасувал кадар и кај специјалистите и кај медицинските сестри и болничарите.

„Но постепено се враќаат лекари специјалисти, се вратија две специјалисти на гинекологија, очекуваме да се вратат доктори од интерно, младите специјализанти кои ги испративме се уште е рано да се вратат, лани испративме 27 специјализанти и сега ќе почекаме 4 до 5 години да се вратат назад. Секаде недостасуваат лекари. Најкритично е на рентген, најмалку лекари имаме таму и не очекуваме да се вратат нови специјалисти и затоа ангажираме лекари од другите болници“, додаде Смилеска.

Поради недостиг на лекари не функционира ниту Ургентниот центар во болницата, но од болницата се надеваат дека тој ќе биде ставен во функција кога Итната помош ќе се пренесе од сегашните простории, горе во болницата.

„Тоа би се случило кога ќе се изгради нов паркинг простор, бидејќи со преселувањето на Итната помош ќе се зголеми и бројот на пациенти кои мора некаде да ги паркираат своите возила“, рече Смилеска.

Во мај се очекува конечно во Прилеп да профункциионира и магнетната резонанца, која е веќе донесена и монтирана, а во тек била и постапка за модуларната болница како објект да ги добие сите потребни документи за функционирање и во иднина тука да се премести некој друг оддел на болницата.