Повторно блокади на граничните премини?!
Можни се нови блокади на граничните премини. Српските превозници се договориле дека ден по Велигден ќе излезат на протест, ако не се најде итно преодно решение од Европската Комисија. Од здружението „Меѓународен транспорт“ велат дека сите предлози за промена на односот кон професионалните возачи од Западен Балкан се одбиени, и тие и понатаму се соочуваат со апсења, депортации и забрани за влез во Шенген.
- Протестот на превозниците од Србија ќе започне на 14.04.2026 година и нема да биде прекинат сѐ додека не се добие задоволителен писмен одговор од Европската комисија за понатамошен похуман третман на професионалните возачи – велат од „Меѓународен транспорт“.
Здруженијата на превозници на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора утре ќе се состанат во Белград за да се договорат за следните чекори.
- Најважно е да размениме мислења во овој момент што како се случува, кои државни органи што презеле, бидејќи не можеме да кажеме дека нема некоја иницијатива затоа што Хрватите се тие коишто ја дадоа иницијативата за да се вадат одредени визи до периодот додека не се изгласа визната стратегија. Дали ќе се договориме, дали нема да се договориме за протест или ќе преземеме некои активности, тоа ќе го знаеме после состанокот – вели Билјана Муратовска, од „Макам транс“.
Во меѓувреме, од границите на Босна и Херцеговина утрово биле вратени повеќе од 100 камиони поради новиот систем. Околу 2 илјади тони стока останале заглавени, без можност да бидат испорачани на европскиот пазар.
Последниот состанок на техничката работна група се одржа во петокот и заврши без конкретен договор. Јануарските блокади прекинаа откако Европската комисија презентираше нова визна стратегија со која се остава просор камионџиите да бидат изземени од електронскиот систем, кој сега ги третира како туристи со дозволен лимит за престој од 90 во 180 дена.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
