Loading Video...
Свет
19. February 2024 - 12:18

Преглед на вести од светот

Земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала го погоди главниот град на БиХ – Сараево утрово околу 09:20 часот.

Епицентарот на земјотресот е регистриран на 10 километри северно од Сараево на длабочина од шест километри.

Граѓаните на Сараево и неговата околина пишуваат на ЕМСЦ дека земјотресот бил почувствуван силно и траел неколку секунди,

Засега нема информации за материјална штета.

 

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен денеска на состанокот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Берлин ќе соопшти дека планира да се кандидира за втор мандат пишува „Гардијан“.

Таа досега во Брисел не сакаше да го коментира ова прашање, но се чини дека сега донела одлука.

Објавувањето на нејзината кандидатура за следните пет години ќе биде само првиот чекор во изборната битка. Како кандидат за претседателската функција се шпекулира дека би можела да биде и естонската премиерка Каја Калас.

 

Израел ќе почне копнена офанзива во Рафа ако Хамас не ги ослободи сите заложници до 10 март, изјави членот на израелската воена влада Бени Ганц. Ова е прва најава на Израел кога неговата војска би можела да влезе во јужниот град во Газа, кој е преполнет со палестински бегалци.

Во меѓувреме Израел се наоѓа под силен меѓународен притисок да го откаже нападот, но премиерот Нетанјаху не отстапува од планот, тврдејќи дека Рафа е последното упориште на палестинските милитанти во Газа.

„Светот мора да знае и лидерите на Хамас мора да знаат: ако заложниците не бидат дома до Рамазан, борбите ќе продолжат секаде, вклучително и во областа на Рафа“, кажа Ганц. Рамазан оваа година почнува на 10 март.

Израел ќе дејствува на координиран начин и ќе овозможи евакуација на цивилите со цел да се намали бројот на жртвите. Сепак, Израел досега нема објавено детали за планот за евакуација.

Извештаите од Рафа велат дека малку луѓе засега го напуштаат градот. Дури и САД го предупредија Израел дека копнена офанзива би била катастрофа.

 

Руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата во целост ја зазела фабриката за кокс во Авдиивка. Во соопштението на руското МО се истакнува дека во фабриката биле стационирани украински единици. Украинската армија пред два дена го објави своето повлекување.

Руските сили објавија дека целосно ја контролираат огромната коксарница од советско време во уништениот украински град, заокружувајќи ја најголемата победа на бојното поле во последните девет месеци. Освојувањето на градот е најголемиот успех на руската војска од заземањето на Бахмут во мај.

Руските сили напредувале околу девет километри во регионот, а коксарница беше една од најголемите во Европа пред војна.