Преглед на вестите од светот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во својот говор во Советот за безбедност на ОН остро ги осуди нападите на САД и Обединетото Кралство, со поддршка на другите сојузници, врз јеменските Хути.
– Тоа е „неоправдана агресија“ и директна закана за меѓународниот мир, рече Лавров во Њујорк.
Лавров повика и на ослободување на сите заложници кои Хамас ги однесе од Израел во Појасот Газа. Русија исто така го поддржа прекинот на огнот во конфликтот.
Лавров се залага за решение со две држави и го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и другите членови на владата за отфрлање на таквото решение.
Израелската армија ги продолжи нападите врз опколениот Кан Јунис, а повторена е наредбата за евакуација од градот, во кој живеат половина милион жители и голем број раселени лица.
Наредбата за евакуација уследи откако Светската програма за храна на Обединетите нации предупреди дека Палестинците во Појасот Газа се соочуваат со „катастрофален недостиг на храна“, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го критикуваше Израел во Советот за безбедност дека отфрла решение за конфликтот со две држави.
Турскиот парламент со големо мнозинство гласаше за влез на Шведска во НАТО. Сега потпис на пристапниот протокол треба да стави и претседателот Ердоган. По една и пол година политичко натегање, турскиот парламент го одобри приемот на Шведска во НАТО. Вчеравечер 287 пратеници гласаа „за“, 55 беа „против“, а 4 пратеници беа воздржани.
И НАТО-членката Унгарија треба официјално да се согласи со приемот на Шведска. Сите други 29 сојузници веќе го направија тоа.
Северна Кореја го урна големиот споменик во Пјонгјанг што беше симбол за помирување со Јужна Кореја. Наредба дојде од лидерот Ким Џонг Ун, кој минатата недела ја нарече Јужна Кореја „примарен непријател“ со напомена дека обединувањето повеќе не е можно.
Споменикот беше неформално познат како Лакот на обединувањето. Тој ги симболизираше надежите за повторно обединување на Кореја, и беше завршен по историскиот меѓукорејски самит во 2000 година. Ким го нарече споменикот „болка во очите“.
Германските машиновозачи утрово повторно не работат и ова ќе биде најдолгиот штрајк на германските железници во историјата. Штрајкот, кој започна во 2 часот изутринава, а треба да трае до вечерта во понеделник на 29 јануари. Спорот е меѓу синдикатот на машиновозачите GDL и железничкиот оператор Дојче Бан (DB).
Штрајкот дојде само две недели по претходниот прекин на работата, кој речиси целосно го парализираше железничкиот сообраќај во нацијата во период од три дена.
Водачот на машиновозачите, изјави дека е подготвен на компромис во спорот за платите и работното време, но рече дека понудите на Дојче Бан не се доволни.
Штрајкот нема да ја погоди само германската железница. Колапсот на сообраќајот ќе го почувствуваат и бројни компании кои транспортираат стоки или неопходни суровини по пат на железница.
Освен тоа, последиците ќе ги почувствуваат и соседните земји, бидејќи дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на германските железници отпаѓа на транспортот низ Европа. Шест од вкупно единаесет европски железнички коридори за превоз на стока минуваат низ Германија,
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар