Преглед на вестите од светот
Франција е во центарот на европското движење на селските протести, а француските земјоделци го засилуваат притисокот врз владата. Од вчера тие се се поблиску до поголемите градови Париз, Лион и други градови со конвој од трактори.
Десетици земјоделци се приведени, по интревенцијата на полицијата. Од полицијата е информацијата за уапсени 18 земјоделци, кои се обидувале да го блокираат пазарот на големо со храна Рунгис јужно од Париз, кој се смета за клучен центар за дистрибуција на храна за 12 милиони жители на главниот град. Како мерки на претпазливост биле распоредени оклопни возила.
Француските земјоделци не се задоволни од условите за работа, меѓу другото бараат повисоки цени на производите, намалување на бирократијата и заштита од странска конкуренција.
Во Грција земјоделците го блокираа и најважниот автопат во земјата Атина - Солун. Блокадата е на околу 150 километри северно од Атина и не е јасно колку долго ќе трае. Планот беше да се парализира Солун, каде од четврток до недела треба да се одржи најголемиот грчки земјоделски саем Агротика.
Привремено беше блокиран и граничен премин со Турција кај Александрополис. Грчките земјоделци протестираат поради поскапувањето на ѓубривото и дизел горивото. Селски демонстрации се одржаа и во Италија.
Незадоволните земјоделци во Брисел запалија гуми, картонски кутии и сено на протестот пред Европскиот парламент каде денес е самитот на кој присуствуваа лидерите на блокот. Главните сообраќајници во Брисел, срцето на Европската унија, беа блокирани од околу 1.000 трактори, според проценката на полицијата. Иако кризата на земјоделците не е официјално на агендата на самитот на ЕУ, таа мора да се разговара, барем на маргините.
Земјоделците на сите протести велат дека не се доволно платени, се задушени од даноците и зелените правила и се соочуваат со нелојална конкуренција од странство.
Израелската армија соопшти дека во последните 24 часа убила „десетици терористи“ во Појасот Газа. Израелските војници воделе „блиска борба“ со палестинските борци во Кан Јунис. Вториот по големина град во Газа, кој се наоѓа во јужниот дел на палестинската територија, во последните недели стана главна цел на воената операција на Израел.
Израелската армија исто така соопшти дека има борби во централниот и северниот дел на крајбрежниот појас.
Хутите во Јемен погодиле американски трговски брод во Црвеното Море. Нападнат бил брод KOI управуван од САД.
Компанијата за поморска безбедност Амбри соопшти дека бродот што пловел јужно од јеменското пристаниште Аден пријавил експлозија. Во меѓувреме, САД започнаа нови воздушни напади во Јемен.
Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сареа, рече дека вооружените сили на движењето го гаѓале американскиот трговски брод со „неколку поморски проектили“.
- Сите американски и британски бродови во Црвеното и Арапското море се легитимни цели на јеменските вооружени сили се додека американско-британската агресија против нашата земја продолжува, рече портпаролот на Хутите.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар