Loading Video...
Свет
5. February 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи дводневна национална жалост во спомен на жртвите од шумските пожари во регионот Валпараисо.

Во пожарите загинаа најмалку 112 лица, но се стравува дека бројот на жртви би можел да биде поголем. Претседателот Борич, ги посети погодените области изјави дека тоа е една од најголемите трагедии од 2010 година, кога земјата беше погодена од земјотрес во кој загинаа повеќе од 500 луѓе.

Околу 1.400 пожарникари и 1.300 војници и доброволци четврти ден по ред се ангажирани во гаснењето на шумските пожари кои го зафатија централниот и јужниот дел на Чиле односно гаснење на 40 активни пожари.

Пожарот, доби на сила во петокот и збриша цели населби. Властите проценуваат дека досега се оштетени или уништени меѓу 3.000 и 6.000 домови, а изгорела и познатата ботаничка градина во градот Виња дел Мар, основана во 1931 година.

Властите сметаат дека ова е најсмртоносниот пожар во историјата на Чиле. Многумина од погодените биле во посета на крајбрежниот регион за време на летните одмори.

Соединетите држави и Велика Британија извршија неколку воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен, јавуваат локалните медиуми.

Нападите се извршени врз градовите Ходеида и Сада, јавува јеменската телевизија Алмасира, повикувајќи се на неименувани воени претставници.

САД планираат да извршат нови напади врз позициите на Хутите како одговор на убиството на тројца американски војници.

Од друга страна, портпаролот на Хутите, Мохамед Абдулсалам, изјави дека продолжувањето на американско-британските напади врз Јемен нема да постигне никаква цел и нема да влијае на поддршката што Јемен и ја дава на Газа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека планира да направи „ресетирање“ и смена на неколкумина високи функционери, што доаѓа среде шпекулациите дека тој се подготвува да го отпушти шефот на војската Валери Залужни.

Во последните недели сѐ почесто се шпекулира дека Зеленски планира да го смени популарниот заповедник на вооружените сили, но тој сега кажа дека промените ќе одат подалеку од само еден човек. Залужни во ноември призна дека војната е во ќор-сокак, што го налути Зеленски.