Преглед на вестите од светот
Русија утрово изврши нов ракетен напад врз Киев и други украински градови. Едно лице загина на југот на земјата, а во главниот град се активирани системи за противвоздушна одбрана. Експлозиите се слушнале околу 7 часот по локално време, а противвоздушната одбрана истрела неколку против ракети.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика луѓето да останат во нивните засолништа. Повредени има и во градот Миколаев, а оштетени се околу 20 станбени згради. Експлозии и потреси се забележани и во областа околу градот Л`вов, а поради нападите одредени области останале и без струја.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Израел по средбата со посредниците од Катар и од Египет во најсериозните дипломатски напори за војната досега, со цел да се постигне продолжено примирје. Тој ќе се сретне со израелските лидери како дел од „кризната“ турнеја на Блискиот Исток.
Хамас предложи план за прекин на огнот во Газа за четири и пол месеци, со што ќе заврши војната, како одговор на предлогот направен минатата недела од катарските и египетските посредници и поддржан од САД и Израел, пренесува „Ројтерс“. Според документот во кој „Ројтерс“ имал увид, контрапредлогот на Хамас предвидува три фази, од кои секоја би траела 45 дена.
Тој предлог вклучува размена на преостанатите израелски заложници за палестински затвореници, обновата на Газа, израелските сили целосно би се повлекле, а телата и посмртните останки би биле разменети.
Прекинот на огнот исто така ќе го зголеми протокот на храна и друга помош за цивилите во Газа, кои се соочуваат со глад и сериозен недостиг на основни потреби. Израелската разузнавачка агенција Мосад, исто така, добила одговор од Хамас, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, посочувајќи дека „деталите се темелно проценети“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека пронашле докази дека Иран го финансирал огромниот систем на тунели под Појасот Газа на исламистичката организација Хамас. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека војници откриле документи за финансиски трансфери во периодот од 2014 до 2020 година во вкупна вредност од над 150 милиони долари од Иран до Хамас.
Воедно Хагари, изјави дека 31 од преостанатите заложници држени во Газа се прогласени за мртви. Израел соопшти дека 136 заложници се уште се држат во Газа.
Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи тридневна жалост откако 74-годишниот поранешен претседател Себастијан Пињера загина во хеликоптерска несреќа во вторникот. Причината за несреќата сѐ уште е под истрага. Областа каде што се урна хеликоптерот во вторникот беше погодена од силен дожд. Останатите три лица го преживеале падот
Пињера беше претседател на Чиле од 2010 до 2014 година и повторно од 2018 до 2022 година.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар