Loading Video...
Свет
28. February 2024 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Премиерите на четири централноевропски држави,кои воедно се членки и на НАТО изјавија дека немаат планови да испратат копнени трупи во Украина откако Франција ја навести можноста, а Кремљ предупреди дека секој таков потег неизбежно ќе доведе до конфликт меѓу Русија и НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека западните сојузници не треба да исклучат никакви опции во обидот да се спречи руската победа во Украина, иако истакна дека во оваа фаза нема консензус. Од забелешките се оградија премиерите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

Украинската армија соопшти дека се повлекла од уште две села во близина на источниот град Авдиивка, кој беше заземен од руските сили. Портпаролот на украинската војска Дмитро Лихови изјави дека украинските сили се повлекле од селата Северне и Степове откако еден ден претходно го напуштија и селото Ласточкине.

Русија го повикува Советот за безбедност на ОН да не ја поддржува американската нацрт-резолуција за Блискиот Исток, велејќи дека овој документ не е ништо друго освен дозвола за убивање на палестински цивили, изјави рускиот постојан претставник во ОН Василиј Небензја.

На 20 февруари, САД уште еднаш, во Советот за безбедност на ОН, го блокираа усвојувањето на нацрт-резолуцијата со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа. За документот поднесен од Алжир гласаа 13 од 15-те членки на Советот за безбедност, вклучувајќи ги Русија и Кина. Велика Британија се воздржа, а САД ставија вето на резолуцијата.

Подгреан од сувото и невообичаено топло време, огромниот шумски пожар опустоши над 250.000 хектари во сојузната држава Тексас.

Пожарот е рангиран како петти по големина шумски пожар во историјата на Тексас, надминувајќи ја вкупната површина изгорена од сите пожари во државата минатата година. Наредбите за евакуација се на сила.

Интензивната активност на вулканот Попокатепетл, во централно Мексико, ја загрижува мексиканската влада, а локалните власти издадоа предупредување поради континуираната емисија на пепел и водена пареа од кратерот и препорачаа жителите на Мексико Сити да носат маски.

Попокатепетл е на околу 70 километри од Мексико Сити. Воедно одложени се летови од аеродромот во Мексико Сити.