Преглед на вестите од светот
Потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, упати досега најжестоки критики за политиката на Израел кон Палестинците.
Таа нагласи дека она што се случува секој ден во Газа е поразително. Извештаите зборуваат за семејства кои јадат лисја и сточна храна. Жени кои раѓаат неухранети бебиња со мала или никаква медицинска нега. Деца кои умираат од неухранетост и дехидрација. Харис треба за еден ден да оствари средба со израелскиот министер за одбрана Бени Ганц.
Американската потпретседателка истакна дека се убиени премногу невини Палестинци, а оние што преживеале гладуваат. Таа додаде дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да доставуваат хуманитарна помош за Палестинците, испуштајќи ја од авиони.
Зборувајќи за Хамас, Харис рече дека организацијата не покажува почит кон невините жртви, вклучувајќи го и народот во Газа.
Американската потпретседателка повика на итен прекин на огнот во Газа, барем за следните шест недели. За тоа време ќе се извлечат заложниците и ќе се достави значителна количина на помош.
Висок функционер на Хамас денеска изјавил дека прекин на огнот во Појасот Газа е можен во следните 24 до 48 часа, доколку Израел ги прифати барањата на палестинската исламистичка организација.
Во Каиро денеска треба да се преговара за примирје и се очекува да пристигнат делегации од Израел и Хамас со цел да се постигне заемно прифатлива формула за прекин на огнот во Газа.
Висок американски функционер вчера рече дека постои рамковен договор за шестнеделна пауза со израелска согласност и оти сега зависи од тоа Хамас ќе се согласи да ги ослободи заложниците што ги држи во Газа од почетокот на војната на 7 октомври минатата година.
Се верува дека во Газа се држат 130 заложници од околу 250 киднапирани во нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, но не сите се живи. Околу 100 од нив беа ослободени за време на седумдневното примирје на крајот на ноември.
Поранешниот американски претседател и фаворит за републиканска претседателска номинација, Доналд Трамп вчера го доживеа првиот пораз на партиските прелиминарни избори.
Кандидатката за претседателка номинирана од Републиканската партија Ники Хејли победи на партиските прелиминарни избори во сојузната држава Вашингтон, забележувајќи ја првата победа во претседателската кампања оваа година.
Хејли ги освои гласовите на сите 19 делегати во Вашингтон. Досега во тековната кампања Трамп има поддршка од 244 делегати, додека Хејли од 43 делегати. На кандидатот му е потребна поддршка од 1.215 делегати за да ја добие републиканската номинација.
Портпаролката на Хејли, истакна дека Хејли станала првата жена што победила на републикански прелиминарни избори.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар