Преглед на вестите од светот
Големи облаци чад беа видени како се издигнуваат над Газа денеска откако се слушнаа две силни експлозии. Инцидентите доаѓаат откако Хамас и египетските посредници во понеделникот изјавија дека продолжуваат со разговорите во Каиро за обезбедување прекин на огнот во Газа, и покрај одлуката на Израел да не испрати делегација.
Разговорите за прекин на огнот, започнаа во неделата и треба да обезбедат прв продолжен прекин на огнот од петмесечната војна, за време на муслиманскиот пост Рамазан.
Во меѓувреме Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) ги обвини израелските власти за тортура врз некои од вработените во агенцијата во Појасот Газа. Но, Изреал преку нивниот воен портпарол контраадмиралот Даниел Хагари изјави дека УНРВА во Газа вработува повеќе од 450 „воени оперативци“ од Хамас и други вооружени групи и дека Израел ги споделил тие разузнавачки информации со Обединетите нации. Израел претходно ја обвини агенцијата дека вработува персонал кој учествувал во нападот на Хамас на 7 октомври.
При напад на руски беспилотни летала запалена е погодената зграда, па пожарникарите мораа да интервенираат. Русија лансираше 22 нападни беспилотни летала против Украина, при што системите за противвоздушна одбрана уништија 18 над регионот на Одеса, соопштија од украинското воздухопловство. Во саботата руски дрон погоди станбена зграда во Одеса, при што загинаа 12 лица.
Украинските дронови нападнаа и оштетија патролен брод на руската Црноморска флота покрај окупираниот полуостров Крим, објави украинското воено разузнавање. Оттаму кажаа дека нападот бил изведен од специјалната единица „Група 13“, а мета бил бродот „Сергеј Котов“, проценет на 65 милиони долари.
Рускиот брод претрпел оштетувања објавија Украинците.
Силно вооружени банди се обидоа да го заземат главниот меѓународен аеродром на Хаити, во престрелка со полицијата и со воените единици, во услови на ескалација на насилството во земјата и масовно бегство на затвореници.
Војниците од Хаити патролираат во близина на меѓународниот аеродром во Порт-о-Пренс. На Хаити е издадена наредба за 72-часовна вонредна состојба и воведен е ноќен полициски час. Водачот на банда повика на смена на премиерот Ариел Хенри. Бандите ги предупредија жителите околу Порт-о-Пренс да ги чуваат децата дома, иако владата на Хаити наложи дека училиштата ќе останат отворени. Се верува дека бандите контролираат околу 80 отсто од главниот град Порт-о-Пренс.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар