Loading Video...
Свет
7. March 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Претседателот на Србија и член на СНС, Александар Вучиќ синоќа изјави дека на седницата на Претседателството на партијата било договорено кандидат за претседател на Собранието на Србија да биде Ана Брнабиќ, а кандидат за градоначалник е Александар Шапиќ.

Ана Брнабиќ е моето најпозитивно изненадување, таа најмногу напредуваше, се бореше толку силно и храбро, изјави претседателот Александар Вучиќ.

Вучиќ најави дека составот на новата Влада на Србија и мандатарот ќе биде предложен за седум до десет дена.

По изјавата на Вучиќ се огласи премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која изјави дека најголема чест во животот и е што била седум години на чело на Владата на Србија. Таа изјави дека функцијата претседател на Народното собрание, за која е предложена, ќе биде голем предизвик за неа.

 

Дневниот број на конвои со хуманитарна помош што влегуваат во Појасот Газа мора да биде најмалку двојно зголемен за да се задоволат некои од најосновните потреби на населението, соопшти Светската програма за храна на ОН. Притоа тие потенцираат дека гладот ​​во Појасот Газа е „речиси неизбежен“ без решителна акција.

Јужна Африка побара од Меѓународниот суд на правдата  во Хаг да нареди дополнителни, итни мерки против Израел, кој ги крши важечките договори. Барањето е пред се за да се спречи гладот во Појасот Газа. Покрај ова побарано е од судот да нареди прекин на непријателствата и ослободување на сите заложници и затвореници.

Пет лица загинаа во денешните руски напади врз Одеса, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беа во посета на пристаништето, соопштија украинските власти.

Го потврдуваме нападот на пристанишната инфраструктура на градот Одеса. Ја потврдуваме смртта на пет лица. Има и ранети, изјави портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.

Руското Министерство за одбрана ја презеде одговорноста за ракетниот напад врз пристаништето Одеса, со напомена дека руските сили погодиле „хангар каде што украинските вооружени сили подготвуваат поморски дронови за борба“.

 

Балканското тло се тресеше синоќа и утрово. Два послаби земјотреси се регистрирани синоќа во Загреб. Посилниот од двата земјотреси се случи во 1.58 часот и вознемири дел од граѓаните. Беше со јачина од 2,8 степени. Првиот земјотрес се случи во 1:55 часот со јачина од 1,9 степени.  Луѓето јавуваат дека земјотресот многу се почувствувал и во Загорје.

Земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала утринава ја погоди Босна и Херцеговина. Потресот се случил утринава во 7:42 часот на оддалеченост од 36 километри од Мостар, а на четири километри од Столац, каде што пред две години, исто така, имаше серија силни земјотреси.

И во соседна Албанија е регистриран земјотрес со јачина од 3,4 степени во 20:59 часот на oддалеченост од 19 километри од Валона.