Преглед на вестите од светот
Зборувајќи за војната во Газа, американскиот претседател Џо Бајден во обраќањето до нацијата повика на итен шестнеделен прекин на огнот и го предупреди Израел дека прашањето за хуманитарната помош за Газа „не може да биде второстепено прашање или причина за пазарење“.
Воедно тој го информираше Конгресот дека ѝ наредил на американската војска да постави вештачко пристаниште во Газа за испорака на поголема хуманитарна помош на опколената палестинска територија.
Пристаништето во Средоземно Море на брегот на Газа ќе биде привремено пристаниште кое ќе може да прими бродови со стотици дополнителни камиони со хуманитарна помош секој ден.
Хуманитарната ситуација во Газа е очајна, а гладот расте меѓу населението откако избија борби меѓу Израел и палестинското екстремистичко движење Хамас по масакрот на 7 октомври.
Хуманитарната помош во моментов во Газа се доставува и со авиони и со помош на падобрани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху говорејќи во воено офицерско училиште изјави дека Израел е „во егзистенцијална војна во која мора да победи“ и дека „ќе го нападне непријателот до целосна победа“.
Израелските медиуми потсетуваат дека истото тоа го изјавил неколкупати од почетокот на војната против палестинскиот исламистички Хамас во Појасот Газа. Според него дека ИДФ (Израелските одбранбени сили) постигнуваат „импресивен напредок“ за да ја постигнат својата воена цел и да се обидат да ги намалат цивилните жртви во Газа. Хамас го обвини дека ги користи цивилите во малата енклава како „човечки штит“ и дека продолжува да користи тунели со километри. Осврнувајќи се на зголемениот меѓународен притисок за завршување на војната, Нетанјаху рече дека Израел ќе го издржи овој притисок бидејќи целта е „тотална победа“.
Вооружени напаѓачи киднапирале повеќе од 280 ученици во градот Курига, во северозападна Нигерија. Учениците биле киднапирани додека биле пред училиштето, а децата се на возраст меѓу осум и 15 години, јавува Би-би-си.
Гувернерот на државата Кадуна, Уба Сани, изјави дека 187 ученици биле киднапирани од средно и 125 од основно училиште, но дека 25 од нив биле вратени. Еден од сведоците изјави дека вооружените напаѓачи застрелале еден ученик и дека му била укажана лекарска помош во болница.
Вооружените сили започнаа акција за пронаоѓање на киднапираните
Во Нигерија, во обид да се спречат киднапирањата, во 2022 година беше донесен закон според кој плаќањето откуп е кривично дело и предвидува затворска казна од најмалку 15 години, но досега никој не е уапсен по оваа основа.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар