Преглед на вестите од светот
Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа и покрај засилените меѓународни повици за намалување на бројот на цивилни жртви и справување со растечката хуманитарна катастрофа.
Во центарот на Рафах, на југот на крајбрежната енклава, 24 лица загинаа во израелски напад, објавија медиумите на Хамас. Засега нема потврда од палестинското Министерство за здравство.
Пред доаѓањето на советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, има зголемени знаци на несогласување меѓу Израел и неговиот најблизок сојузник, САД. Неделава претседателот Џо Бајден го обвини израелското „недискриминирачко бомбардирање“ на Газа за губење на глобалната поддршка во војната против Хамас.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес гласаше за официјализирање на истрагата за импичментот на претседателот Џо Бајден.
За одобрување на истрагата гласаа 221 претставник, против беа 212.
Домот што е под контрола на републиканците, испитува дали Бајден имал корист од работите во странство на неговиот 53-годишен син Хантер Бајден, неколку часа откако помладиот Бајден одбил покана за сведочење зад затворени врати.
Републиканците исто така тврдат дека Бајден и неговото семејство имале корист од одлуките во кои Бајден постариот учествувал додека бил потпретседател на САД, од 2009 до 2017 година.
Дури и ако Претставничкиот дом гласа за импичмент на претседателот, Сенатот потоа ќе треба да гласа за да го осуди по обвиненијата со две третини гласови - речиси невозможно во домот каде што колегите на Бајден имаат мнозинство од 51 спрема 49.
Европската комисија одблокираше 10,2 милијарди евра од замрзнатите фондови од 30 милијарди евра за Унгарија во пресрет на лидерскиот самит во Брисел, на кој треба да се омекне ставот на Виктор Орбан во поглед на Украина. Унгарскиот премиер силно се противи на приемот на Украина во ЕУ и на нејзините повици за помош.
Пристигнувајќи на состанокот, Орбан им рече на новинарите дека Украина се уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара.
Снегот во Кина и Пекинг покрај проблемите што ги создава во транспортот и во нормалното функционирање на граѓаните им носи и нешто убаво. Дел од жителите на Пекинг му се радуваа на снегот и уживаа во неговите убавини. Паркот Чаојанг беше место каде жителите од локалните згради , „се маваа“ со снежни топки.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар