Преглед на вестите од светот
Израелците во текот на ноќта извршиле напади врз повеќе од 300 цели во Појасот Газа. Во нападите биле убиени десетици оперативци на Хамас, а цел на нападите била инфраструктурата на терористичката група, се вели во соопштението на израелските одбранбени сили ИДФ.
Во јужниот дел на Газа, при извршена рација на локации на Хамас во Кан Јунис, било пронајдено големо складиште со оружје.
ИДФ изврши воздушни напади и врз голем број локации на Хезболах во јужен Либан.
Болница Ал Ахли, лоцирана во Појасот Газа, престана со работа, соопшти палестинското Министерство за здравство. Таа поради бомбардираето, опсадата и апсењето на неколку членови од медицинскиот персонал е надвор од функција.
Ал Ахли беше една од ретките делумно функционални медицински установи во Газа. Во моментов, само 11 од 36 болници делумно функционираат во Појасот Газа.
Инаку, Израел понудил еднонеделен прекин на огнот во замена за ослободување на десетици заложници од страна на Хамас. Израелскиот претседател Исак Херцог претходно навести дека неговата земја е подготвена да влезе во уште едно примирје со посредство на странски држави.
Стејт департментот ја повика Србија да работи со ОБСЕ и да одговори на тврдењата за изборни нерегуларности.
Мат Милер, портпарол на Стејт департментот, на брифинг за новинарите кажа дека извештаите на ОБСЕ и на останатите изборни набљудувачи посочуваат на нерегуларности во изборниот процес како насилство насочено кон изборните органи, новинарите и акредитираните набљудувачи, и дека тоа е „неприфатливо“.
Судот во Колорадо донесе историска одлука, дека Доналд Трамп не може да се кандидира на претседателските избори во САД. По оваа необична одлука се огласи и самиот Трамп, кој на насобраните поддржувачи им порача дека ваквата судска одлука не е насочена против него туку против американскиот народ, кој нема да молчи.
Медиумите потсетуваат дека поранешниот американски претседател беше обвинет за поттикнување немири во зградата на американскиот Капитол во обид да го поништи резултатот по поразот на американските избори во 2020 година, поради што Врховниот суд во Колорадо пресуди дека тој не може да се кандидира на следните претседателски избори.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар