Преглед на вестите од светот
Во Советот за безбедност на ОН денеска ќе има уште еден обид за гласање за резолуција со која се бара прекин на борбите во Газа.
Затегнати дипломатски преговори се водат околу текстот на резолуцијата за да се избегне уште едно американско вето, а главната точка на спорот наводно е инспекцијата и следењето на хуманитарната помош што влегува во Газа.
Обединетите Арапски Емирати, авторите на нацрт-резолуцијата, вчера соопштија дека дискусиите на највисоко ниво продолжуваат.
Запрашан дали Соединетите Држави повторно ќе стават вето на резолуцијата, државниот секретар Ентони Блинкен рече дека тие работат на тоа да се осигура дека помошта до Газа нема да биде попречена од какви било напори во ОН.
Американското Министерство за домашна безбедност презеде привремена мерка за затворање на граничниот премин Тексас-Мексико за „да се запре големото движење на мигрантите кои пристигнуваат со железница и да се заштити здравјето и безбедноста на својот персонал “, соопшти денеска Белата куќа.
„Ние тесно соработуваме со мексиканската Влада за да се обидеме да го решиме ова прашање, истовремено зголемувајќи го персоналот во регионот“, се додава во соопштението, пренесено од британските медиуми.
Во Кина денеска се забележани нови рекордно ниски температури. Националната метеоролошка служба извести дека рано утринава повеќе од 20 станици во повеќе делови од земјата забележале рекордно ниски температури за декември.
Во главен град на провинцијата Внатрешна Монголија во северна Кина - Хохот, живата падна на минус 29,1 Целзиусови степени.
Сегашниот студен бран следи по летото со рекордни жештини и разорни поплави, особено во северна Кина.
Експертите предупредуваат дека глобалното затоплување, предизвикано од емисијата на стакленички гасови во атмосферата, доведува до зачестеност на овие екстремни појави.
Националната метеоролошка служба вчера соопшти дека пет станици во земјата регистрирале рекордно ниски температури, на пример во северниот град Датонг, каде е измерена температура од минус 33,2 степени Целзиусови.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар