Преглед на вестите од светот
Илјадници луѓе се собраа пред зградата на централната изборна комисија во Белград во вторникот вечерта на протест поради изборите од пред 10-тина дена, за кои меѓународните набљудувачи рекоа дека се нефер.
„Нема да ја признаеме (изборната) кражба, а изборната волја на граѓаните на Белград ќе се брани!" - на толпата им рече поразениот опозициски кандидат во Белград, Владимир Обрадовиќ.
Опозициската алијанса Србија против насилството, која се пласираше на второто место на општите избори ја обвини владејачката Српска напредна партија (СНС) за широко распространета гласачка измама, што властите ја негираат.
Србија против насилството организира секојдневни протести поради изборните резултати пред изборната комисија, а во неделата вечерта протестот прерасна во насилен, а полицијата приведе 38 лица.
Меѓународната мониторинг мисија минатиот понеделник (18 декември) рече дека владејачката партија добила неправедна предност преку медиумската пристрасност, несоодветното влијание на претседателот Александар Вучиќ и гласачките нерегуларности, како што е купувањето гласови.
Властите во Газа ископаа масовна гробница и закопаа 80 тела на неидентификувани Палестинци Телата беа предадени од Израел преку преминот Керем Шалом, соопшти Министерството за здравство.
Членовите на Исламскиот Вакаф ги фотографирале телата за идна идентификација, пред да бидат погребани на гробиштата во Рафах.
Според исламскиот вакуф, телата биле собрани од израелската копнена операција во северниот дел на Појасот Газа.
Палестинските здравствени власти соопштија дека речиси 21.000 луѓе биле убиени во израелските напади, а се стравува дека уште илјадници се затрупани под урнатините.
Израел вели дека прави сè што може за да ги заштити цивилите и го обвинува Хамас што ги доведува во опасност со тоа што дејствува меѓу нив, што Хамас го негира. Но, дури и најблискиот сојузник на Израел, Соединетите Држави, рече дека треба да сторат повеќе за да ја намалат смртноста на цивилите од она што американскиот претседател Џо Бајден го нарече „недискриминирачко бомбардирање“.
Силно невреме со грмотевици го зафати Сиднеј, птритоа познатиот мост кој е заштитен знак на градот беше едвај видлив од силниот дожд. Повеќе од 3.000 имоти останаа без струја. Невремето во среда е проследено и со силен ветер.
И додека источниот брег на Австралија се бори со невреме, на другата страна во западна Австралија жителите на неколку региони се борат со пожари. Девет лица загинаа ширум земјата по силните грмотевици, а силните ветрови ги отфрлија покривите и урнаа дрвја во некои од најпогодените области, Австралиското биро за метеорологија прогнозираше дополнителни врнежи од дожд, иако лошото време се очекува да се смири подоцна во среда.
Невреме но во сосема поинаков облик има на другиот крај од светот во САД. Снег и мраз во вторникот прекрија делови од Небраска, откако снежна бура ја зафати државата, доведувајќи ги температурите под нулата.
Според Националната метеоролошка служба, зимската бура ќе продолжи со обилни врнежи од снег, замрзнат дожд и силен ветер. Комбинацијата од обилен снег и силни ветрови близу 90 км на час ќе го направи опасно патувањето во текот на празничната недела.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар