Loading Video...
Свет
2. January 2024 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Расте бројот на жртви што загинаа во моќниот земјотрес што ја погоди централна Јапонија на првиот ден од новата година. Спасувачките екипи се мачат да стигнат до некои изолирани области каде што има урнати згради и оштетени патишта, а десетици илјади домови се без струја. По првичниот земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтерова скала. Илјадници војници, полицајци и пожарникари се распоредени во најтешко погодената област Ното во префектурата Ишикава.

Во Сузу, крајбрежен град со околу 5.000 жители близу епицентарот на земјотресот, се уништени околу 1.000 домови. Досега е потврдено дека 48 луѓе загинале во префектурата Ишикава, од кои половина во градот Ваџима.

Регистрирани се повеќе од 140 тресења по вчерашниот прв земјотрес, по кој беше наредена евакуација на 100.000 луѓе поради можни цунами и бранови високи до пет метри. Степенот на тревога по неколку часа беше намален и многумина потоа се вратија во своите домови. Повеќе од 33.000 домови и натаму се без струја, а многу градови немаат ни вода за пиење. 

Експертите проценуваат дека силниот земјотрес што вчера ја погоди јапонската префектура Ишикава го помести тлото во регионот Ното до 1,3 метри на запад.

Во утринската серија руски ракетни напади врз Киев се повредени 16 лица, од кои 15 се хоспитализирани, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко. Тој додаде дека жителите на главниот град се повредени во пожар што избил во повеќекатница во населбата Соломенски.

Во областа Подолск биле оштетени инфраструктурен објект и гасоводна цевка, а некои делови од градот останале без струја, пренесуваат украинските медиуми.

Шефот на регионалната администрација на Харков, Олех Синехубов, соопшти дека едно лице загина, а 22 се повредени во руските ракетни напади врз градот.

Цел на руските ракетни напади бил централниот дел на Харков и оштетени се станбени згради, помошни згради и цивилна инфраструктура.

Јужнокорејскиот опозициски лидер Ли Џае-мјунг е прободен со нож во вратот при посета на градот Бусан. Тој веднаш беше префрлен во болница и лекарите информираа дека животот не му е загрозен. Шеесет и шестгодишниот напаѓач изјави дека имал намера да го убие Ли. Мотивот засега не е познат. Нападот беше осуден од сите политички партии.

Ли, бил нападнат додека зборел на прес-конференција при посета на градилиште во пристаништето во Бусан. Напаѓачот наводно му пристапил со цел да му побара автограм, пред да му се нафрли и да го прободе. Оружјето било 18 сантиметри долг нож, што напаѓачот го купил преку интернет, соопшти полицијата.

Напаѓачот веднаш бил совладан и уапсен. Обвинителството планира да го обвини за обид за убиство.