Loading Video...
Свет
5. January 2024 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Проблемите за жителите на Јапонија кои беа погодени од земјотресот во понеделникот продолжуваат. Видео снимките покажуваат како жителите на Ваџима бегаат од лизгање на земјиштето што го погоди јапонскиот град во префектурата Ишикава.

Сведоците на местото, рекоа дека планината над нивниот дом се урнала и ги зафатила сите куќи под неа. Тие додадоа дека има недостиг од итни резерви, вклучително гориво, храна и вода за пиење, во центрите за евакуација.

Целосниот обем на штетите и жртвите остануваат нејасни.

80-годишна жена е спасена од урнатините на нејзиниот дом во јапонскиот град Ваџима. Противпожарната служба одговрила на повикот на жената која била свесна,  но се наоѓала зарабена во урнатините на нејзиниот дом. Жената подоцна е префрлена во локалната болница.

Земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот јапонски полуостров Ното во понеделникот попладне, при што загинаа најмалку 94 лица, а околу 33.000 луѓе беа принудени да ги евакуираат своите домови. Повеќе од 200 лица се исчезнати катастрофата би можела да биде најлошата откако силен земјотрес и цунами го погодија источниот брег на Јапонија во 2011 година.

Северна Кореја истрела повеќе од 200 гранати, а началникот на Генералштабот на Јужна Кореја рече дека инцидентот не предизвикал никаква штета на народот или војската, но додаде дека чинот го загрозува мирот на Корејскиот Полуостров и ги зголеми тензиите

Јужна Кореја воедно нареди евакуација на островот Јеонпјеонг. Артилериските гранати истрелани утринава меѓу 9 и 11 часот по локално време не навлегле на територијата на Јужна Кореја бидејќи сите паднале во тампон-зоната меѓу двете земји.

Последниот инцидент доаѓа откако Северна Кореја целосно го суспендира воениот договор со југот кој имаше за цел да ги намали тензиите.

Островот Јеонпјеонг, каде што се наоѓа воена база и има околу 2 000 цивили, е на три километри од спорната поморска граница во Жолтото Море и 12 километри од севернокорејскиот брег.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа ги претстави предлозите за идното управување со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас, јави Би-Би-Си.

Според него, палестинската власт ќе биде ограничена на таа територија. -Хамас повеќе нема да ја контролира Газа, а Израел ќе ја задржи севкупната безбедносна контрола.

Мултинационалните сили ќе ја преземат одговорноста за обнова на територијата по масовното „уништување“ предизвикано од израелското бомбардирање.

Разговорот за „денот потоа“ во Газа доведе до длабоко несогласување во Израел. 

Најмалку 26 лица се здобија со полесни повреди во метрото на Њујорк, соопшти њујоршката противпожарна служба.

Несреќата, се случила откако патнички воз тргнал од станицата околу 15 часот по локално време и се судри со работен воз, поради што работниот воз што превезуваше транзитни работници излета од шините, според властите.

Властите соопштија дека стотици биле евакуирани додека повредените биле испратени во локалните болници. Три линии од разгранетата мрежа на едно од најстарите метроа во светот беа затворени.