Loading Video...
Свет
8. January 2024 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви навести дека може да има долгорочен конфликт во Појасот Газа, велејќи дека 2024 година ќе биде „година на предизвици“.

Тој додаде дека израелската армија му нанесува „голема штета“ на Хезболах, поради нападот на либанската милитантна група на северот на Израел.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно предупредува од проширување на војната на Блискиот Исток. Овој конфликт лесно може  да ескалира  и да предизвика уште поголема неизвесност и страдање“, изјави Блинкен. Без заеднички мировни напори, војната може да се прошири на целиот регион, предупреди Американскиот државен секретар. Тој истакна дека јасно ќе им стави до знаење на израелските власти дека мора да направат повеќе за да избегнат цивилни жртви во Појасот Газа и дека палестинските цивили треба да имаат можност да се вратат дома и  да не бидат принудени да го напуштат Појасот Газа. САД е најважниот сојузник на Израел. Светската здравствена организација (СЗО) дванаесет дена не може да влезе во северниот дел на Појасот Газа поради тековната војна меѓу Израел и милитантниот исламистички Хамас.

Една недела откако големиот земјотрес во Јапонија ги уништи патиштата и инфраструктурата жителите сè уште живеат во неизвесност.

Бројот на загинати се искачи на 161 соопштија локалните власти, а 222 се водат како исчезнати. Во услови на влошување на временските услови, јапонската влада вети „непрестајна“ поддршка за уништените области бидејќи снегот и лапавицата ги попречуваат спасувачките и хуманитарните напори.

Студена воздушна маса носи снег во префектурата Ишикава и други делови од регионот Хокурику, како и во префектурата Ниигата, според Јапонската метеоролошка агенција. Снежната покривка на некои места е околу 10 сантиметри.

Двајца планинари ги загубија животите на италијанските Алпи во близина на Швајцарија, откако беа зафатени во лавина. Италијанската алпска спасувачка служба соопшти дека лавината удрила на надморска височина од 2.200 метри во неделата околу пладне.

Телото на едното лице лавината го турнала во езерото во близина на дното на планината, додека другото било пронајдено закопано под снегот.

Стражарите виделе дека ги погодила лавина, по што е започната потрага. Бидејќи не можеле да ги најдат пеш, бил употребен и хеликоптер за спуштање на спасувачкиот тим како и кучиња трагачи.

Операцијата за спасување на пет лица во Крижна јама во Словенија ќе продолжи денеска, ако нивото на водата продолжи да опаѓа. Доколку сè оди според планот, „заглавените“ од Крижна јама ќе бидат спасени во попладневните часови.

Тричлено семејство и двајца водичи во саботата околу 8 часот тргнале во обиколка на пештерата, но поради покачувањето на нивото на водата, кое им го затворило патот до површината, не можеле да се вратат. Акцијата за спасување почна во саботата попладне, а досега два тима нуркачи отишле кај луѓето и им обезбедиле сè што им е потребно.

Тие останаа заробени во пештерата, на околу 2,4 километри од влезот. Нивото на водата почна да опаѓа во неделата навечер, а се очекува конечната одлука на спасувачите да биде донесена денеска по проценка на состојбата.   Психофизичката состојба на заробените луѓе е многу добра и стабилна, а тие се соодветно снабдени со залихи на храна и пијалоци и со грејни тела.