Преглед на вестите од светот
Соединетите Американски Држави и Велика Британија извршија воздушни и ракетни напади на областите во Јемен кои се под контрола на Хутите, а со цел да ги запрат нападите на оваа милитантна религиозна група врз бродовите во Црвеното Море, соопштија Вашингтон и Лондон, пренесуваат светските медиуми. Американските сили и сојузниците погодија повеќе од 60 цели на 16 локации што ги користат Хутите во Јемен, соопштија американските воздухопловни сили.
Американскиот претседател Џо Бајден, рече дека е подготвен да одобри понатамошни напади врз Јемен доколку нападите на хутите врз бродовите не престанат. Претставници на хутите излегоа со тврдења дека веднаш возвратиле на нападите.
Во меѓувреме тие соопштија дека нема да запрат да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него. Официјалните претставници на групата предупредија и порачаа дека САД и Велика Британија ќе платат висока цена за оваа агресија.
Либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, исто така, ги осуди нападите врз Јемен. Во врска со последните случувања во регионот на Блискиот Исток, Русија за денеска побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Инаку, во средата Советот за безбедност на ОН со резолуција побара од јеменските Хути веднаш да запрат со нападите на бродовите во Црвеното Море. Хутите се вооружена група од потсекта на јеменското шиитско муслиманско малцинство – Заиди. Тие се декларираат како дел од „оската на отпор“ предводена од Иран, заедно со групите Хамас и Хезболах, а насочена против Израел, САД и нивните западни сојузници. Поголемиот дел од јеменското население живее во области под контрола на Хутите.
Тие почнаа да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море од 7 октомври. Во меѓувреме заканата од групата по оваа важна трговска рута стана толку голема што големите бродски компании престанаа да пловат во регионот, а трошоците за осигурување се зголемија за 10 пати од почетокот на декември.
Израел денеска ќе одговори на обвинувањата што Јужна Африка ги упати пред Врховниот суд на ОН дека неговата воена операција во Газа е кампања за геноцид предводена од државата, чија цел е да го истреби палестинското население.
Јужна Африка, која ја поднесе тужбата до Меѓународниот суд на правдата побара од судиите да воведат итни мерки со кои ќе му наредат на Израел веднаш да ја прекине офанзивата.
Во него се вели дека израелската воздушна и копнена офанзива - која уништи голем дел од тесната крајбрежна енклава и уби повеќе од 23.000 луѓе според здравствените власти во Газа - имала за цел да доведе до „уништување на населението“ во Газа.
Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид како неосновани и рече дека Јужна Африка делува како гласноговорник на Хамас, кој го гледа како терористичка организација која сака да ја елиминира еврејската држава.
Кога делегациите почнаа да пристигнуваат во судот во Хаг, пропалестинските демонстранти се собраа пред комплексот со транспаренти.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар