Loading Video...
Свет
15. January 2024 - 12:28

Преглед на вестите од светот

Германските земјоделци за денеска најавија протести пред Бранденбуршката порта во Берлин со барање да се преиспитаат плановите за воведување повисоки даноци за земјоделците. На протестите се очекува да учествуваат околу 3.000 земјоделци со трактори, 2. 000 камиони и 10. 000 луѓе од цела Германија.

Германските земјоделци минатиот понеделник почнаа да ги блокираат пристапните патишта во делови на Германија, како спротивставување на планот на владата да ги прекине даночните олеснувања за купување дизел што се користи во земјоделството.

Во четвртокот, германската Влада делумно попушти, наведувајќи дека ќе се задржи ослободувањето од данок на земјоделските возила и дека ќе се укине намалувањето на даночните олеснувања за дизелот во текот на три години. Германската асоцијација на фармери соопшти дека сè уште инсистира на целосно повлекување на плановите на владата.

Хамас емитуваше видео на кое се прикажани тројца израелски заложници што ги држат во Газа како бараат од нивната влада да ја прекине офанзивата против палестинската исламистичка група, бидејќи двете страни го одбележаа 100-тиот ден од војната.

Видеото заврши со порака: „Утре ќе ве информираме за нивната судбина“.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји повика на итно одржување меѓународна мировна конференција за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и да се разговара за спроведувањето на решението со две држави за конфликтот во Појасот Газа. Тој воедно изрази загриженост поради ескалацијата на тензиите во Црвеното Море.

Американската војска соопшти дека уште една ракета истрелана од јеменските бунтовници Хути била соборена во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Хуајада од американски борбен авион. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, Хутите нападнаа најмалку 26 бродови откако во ноември го зазедоа бродот Галакси Лидер поврзан со Израел.

Нападите принудија некои од најголемите светски бродски компании да ги пренасочат своите бродови околу Р'тот Добра Надеж на јужниот врв на Африка, сериозно нарушувајќи ја глобалната трговија.

Сообраќајот низ Црвеното Море е намален за повеќе од 40 отсто од почетокот на нападот.

Шефот на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала синоќа изјави дека неодамнешните американски напади врз Хутите во Јемен ќе му наштетат на светскиот бродски транспорт во Црвеното Море.

Во исландскиот град Гриндавик се запалија куќи откако во близина се отворија две вулкански пукнатини. Ова се случи по ерупцијата на вулканот на полуостровот Рејкјанес по што лавата потече кон евакуираниот рибарски град. Одбранбените линии изградени по ерупцијата во декември успеаја делумно да ја скротат лавата, но на некои места попуштија. Засега нема нарушувања во домашниот и меѓународниот сообраќај. 

Во Индонезија околу 6. 500 луѓе се евакуирани на островот Флорес, откако вулканот Левотоби исфрли густи облаци пепел во последните денови, соопштија денеска локалните власти. Левотоби е еден од 120-те активни вулкани во Индонезија.