Македонија
5. May 2026 - 16:32

Притвор и кривична за обезбедувачот на премиерот Мицкоски кој физички ја нападна сопругата

Осумдневен притвор и кривична пријава поради физички напад на сопругата доби обезбедувачот на премиерот. МВР поднесе кривична пријава за нанесување телесна повреда против Раде Ристовски, за што е предвидена казна затвро од 6 месеци до три години. Според пријавата тој на 2 мај физички ја нападнал 37-годишната сопруга. 

„Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место“, информираат од МВР.   

Според премиерот Мицкоски кривичната пријава е доказ дека законите важат за сите подеднакво, а системот не толерира неказнивост. 

„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претстедателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети. Во овој случај гледате мал престап, а системот функционира. Се работи за припадник во претходницата, која не ја гледам често, а неговата сопруга е ќерка на мој колега од факултет“, рече Мицкоски.

Минатата година приведен беше и Ангел Самараков во чие возило беа пронајдени доверливи материјали од МВР. Самараков кој исто така беше дел од обезбедувањето на премиерот, беше осуден на една година и шест месеци затвор за оддавање на службена тајна, но Аплација ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.