Продолжуваат истражувањата на Врбјанска Чука
Седма година по ред продолжуваат истражувањата на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука кај Прилеп каде е откриена неолитска населба тумба, која се претпоставува дека е стара околу 8.000 години. Ова е едно и од првите места на европскиот континент каде за прв пат луѓето започнува да се занимаваат со земјоделство, односно одгледување на жито. Во моментов се истражуваат последните етапи од тој неолитски живот тука.
„Битно е да видиме како луѓето во последните фази на неолитската населба живееле, бидејќи веќе имаме сознанија за почетоците на неолитската населба. Имаме некакви дати за крајот на неолитската населба, меѓутоа битно е да видиме дали во крајните етапи на населбата се живеело на ист начин како и на почетокот, дали економијата е иста, дали архитектурата е иста, дали верувањата се слични“, истакна Гоце Наумов, Центар за истражување на праисторијата.
Животот тука продолжува и во антиката и средниот век.
„Тука имаме остатоци од населбитско живеење со лимитиран карактер од средно-римскиот период. Во текот на средниот век, поточно во 12 век овој простор бил користен како некропола, откриваме погребувања од тој период“, рече Христијан Талевски, научен соработник во ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.
На овој локалитет во 80-тите години е откриен жртвеник стар над 8.000 години и кој пак е најстар пронајден артефакт на Балканот.
„Зошто е тој култен објект? Затоа што на предните делови, односно на влезот во самиот простор и северозападниот ѕид се наоѓаат скалести украси. Идентични вакви скалести украси се наоѓаат и кај малите куќни жртвеници кои редовно ги наоѓаме не само на локалитетот Врбајнска Чука, туку и на сите локалитети во Пелагонија“, вели Александар Миткоски, археолог, Завод и Музеј Прилеп.
Локалитетот го истражуваат и архео ботаничари од странство.
„На почетокот на неолитот луѓето започнувале да се хранат со домашни растенија кои самите и одгледувале. Тоа се едно зрна и дво зрна пченица, кои денеска не се користат толку често, но исто така и обичната пчен ица која и денеска се употребува. Исто така се произведувал јачмен, кој можел да се употребува за производство на пиво, постојат документи дека пиво се користело и во неолитот, но засега не на нашите простори“, рече Амалија Сабанов, архео ботаничар.
Сондата каде што се работи сега има димензии од 30 на 20 метри, што претставува само 5% од оваа населба која има импресивна големина и чека да биде целосно откриена.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар