Производителите на ориз од Кочани на суд поради организација на штрајк
Деветмина оризопроизводители заработија прекршочна пријава и завршија на суд поради организирање на протести во октомври, минатата година. Конкретно се теретат за нарушување на јавниот ред и мир со тоа што за време на протестите ја блокирале и втората коловозна лента, со што патот бил целосно блокиран.
-
Со механизација не е била затворена втората лента. Не чувствуваме никаква вина, туку ова е притисок земјоделците да се замолчат и работат како „вол за слама“. Ништо повеќе од тоа-изјави Здравко Арсов, земјоделец од с. Облешево.
Во основниот суд во Кочани пристигнаа без правен застапник, зашто велат дека не им е потребен, бидејќи виситината е на нивна страна.
-
Ние се браниме со чиста совест, не ни се потребни адвокати. Ако мислат дека треба да не затворат, нека не затворат, ама кој ќе им произведува храна, ќе останат без храна. И за судот и за полицијата ние произведуваме храна, а не тие- изјави Сане Јованов, земјоделец од с.Чешиново.
Независнио од пресудата, најавија дека повторно ќе протестираат.
-
Ние ќе го блокираме патот во двата правци. Дали е законски или незаконски. Ќе го блокираме и ќе ги бараме нашите права, за да се организира земјоделското производство како што треба и да нема повеќе вакви случаи земјоделците да одат на суд- изјави Тони Максимов, земјоделец од с.Облешево.
Без земјоделско производство, додаваaт, ќе ја уништиме државата, а младите луѓе масовно ќе се иселат.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар