Протест на жителите на Аеродром против депонијата Вардариште
Стотина граѓани се собраа денеска да протестираат против депонијата Вардариште, која како што велат е канцер за граѓаните кои живеат во Аеродром, Ново Лисиче и околината. Секојдневно воздухот е загаден, непријатна миризба се шири во текот на целиот ден и вечерта, не можат да отворат ниту прозорци од токсичниот воздух.
Протестот не бил најавен во полиција, па имаа проблем бидејќи полицајците не им дозволуваа да ја блокираат раскрсницата помеѓу булеварот АСНОМ и Србија, меѓутоа по некое време им беше дозволено да протестираат на едната страна од булеварот.
Граѓаните велат ќе протестираат се дури не се реши проблемот со депонијата која штети на нивното здравје и на нивните деца.
Денеска имаше голема полициска акција во депонијата. Полицијата заедно со Обвинителството беа на увид во дивиот отпад, се пребаруваше изгорен бакар за да се утврди кој е евентуалниот причинител за пожарот кој избувна во неделата.
Според информациите до кои дојде Сител пронајдени се изгорени бакарни жици како и див приклучок преку кој се краде струја.
Последниот пожар во Вардариште пред неколку дена предизвика и прекин на електричната енергија во Аеродром и Ново Лисиче откако од безбедносни причини беа искчучени далекуводите што напојуваат со струја. Пет часа граѓаните немаа електрична енергија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар