Протести во Прилеп поради загадување на воздухот од индустриски капацитет
Граѓаните на Прилеп, особено од населбите Сточен Пазар, Чачорица и други кои се лоцирани околу поранешниот гигант 11 Октомври се собраа на протест пред фабриката Ламинати Ком, за која се сомневаат дека е главниот загадувач на воздухот во Прилеп, каде скоро еден месец се шири неподнослива миризба, на изгорена гума или пластика, особено во вечерните часови. Граѓаните бараат или дислокација на фабриката или ставање на соодветна заштита и филтри.
„Единствено што може да мириса на пластика, на смола е тука некој погон Ламинати. Ако има некој надлежен инспекторат во било која форма да си направи инспекција, ако тој загадувачот е на нивото што ги загадува стандардите, нека работи бидејќи и таму луѓе земаат плата. А ако не да си ги преземи сите потребни мерки за заштита“, вели Златко Мицески, жител на Прилеп.
„Да се дислоцира фабриката од тука, да се однесе надвор од Прилеп, а не среде град тука ваква фабрика“, додаде Благоја Милошески, жител на Прилеп.
Вчера од Општина Прилеп истакнаа дека миризбата доаѓала од 12-те пожари кои од 26.08. до 14.09.2023 се случиле во во кругот на поранешната фабрика 11 Октовмри. Се чекало и резултат од земниот примерок колку тоа е штетно по здравјето. Граѓаните не веруваат во ова.
„Тие ни викаат дека било од „11 Октомври“, а таму имаше само еден поголем пожар, а другото мал дел од пожар кој немаше никаква миризба. Сето миризбата се чувствува од Ламинати, ништо друго“, вели Игор Секулоски, жител на Прилеп.
Од Невладиниот сектор кој денеска ги поддржа протестите не се задоволни од досегашното постапување на инспекциите.
„Бидејќи сметаме дека пред се сѐ сведува, како и за многу други работи во нашата држава, на крај некаков пожар бил виновен и никој не е крив. На граѓаните им е смачено никој да не сноси одговорност за штетите кои се нанесуваат по нивното здравје“, истакна Весна Шапкоски, извршна директорка во станица П.Е.Т.
Томе Ѓорѓиески сопственик на Ламинати Ком, телефонски ни изјави дека инспекциските надзори му го потврдиле ставот од пред неколку дена дека тие не се загадувачи и дека работеле според сите стандарди. Се потврдило дека загадувач биле пожарите поранешен „11 Октовмри“. Граѓаните пак се заканија дека ќе продолжжат со протести се до расчистување на случајот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар