Македонија
12. August 2018 - 16:17

Раселените од Радуша 17 години бараат кров над глава

И по 17 години сеуште не им е решено стамбеното прашање на раселените лица од Радуша. Триесетина семејства кои за време на конфликтот во 2001 ги напуштиле родните огништа се жалат дека изминатиот период само ги  шетале по институциите, но никако да добијат сопствен дом. Дел од нив сеуште живеат во колективни центри, а на други државата им ја покрива киријата.

- 17 години ние се соочуваме со голгота, статусот сеуште не ни е решен, изјави Андроника Јовановска, раселено лице од Радуша.

- Ние сакаме стамбеното прашање да се реши, за парично не сме. Парично сега ги имаш, утрее ги немаш. Нас ни е решение еднаш за секогаш да ни се реши стамбеното прашање, изјави Салих Демири, раселено лице од Радуша.

Раселените од Радуша се револтирани зошто само тие од скопскиот регион останале без решен статус, а немале никакви услови за да се вратат во родниот  крај.

- Бараме статусот деа ни се реши. Бевме на средба на 17 мај со министерката Царовска. Она не упати до Влада. Од таму не упатија кон иселеничката комисија која нема законска можност да ни го реши случајот, додаде Јовановска.

Во меѓувреме неколку лица од раселените од Радуша починале, а нивните деца останале на улица.

- Ја утре ќе склопам очи и моите деца каде ќе одат, вели Јовановска.

Некои од раселените од Радуша конкурирале и за социјални станови, но биле одбиени со образложение дека труд и социјала ќе им го реши проблемот, но велат дека скоро 2 децении решение никако да им најдат.