Македонија
10. February 2026 - 21:15

Расте понудата, но расте и цената – апсурдите на пазарот на недвижности

Цената се формира кога понудата и побарувачката ќе се вкрстат. Поголема понуда значи пониска цена, поголема побарувачка значи повисока цена. Ова се основите на сите учебници по економија.

Но пазарот на недвижности со години ги урива основните економски закони. Инвестиција во стан во Скопје е како инвестиција во злато. За само една година, просечната цена на метар квадратен во Центарот на Скопје пораснал за 11,5%, од 1.521 евро за метар квадратен на почетокот на годината, на речиси 1.700 (1697) во последниот квартал. Растот на цената просечната цена за квадрат најсликовито ја прикажува веб страницата cenanakvadrat. 

Во исто време, расте бројот на станови во градба. Според податоците од државниот Катастер, на ниво на целата држава, на почетокот на годината во градба имало 26.113 станови, а на крајот на годината нивниот број се искачил на 27.522. Дополнително, според Државниот завод за статистика, во текот на годината растел и бројот на одобренија за градба во скопскиот регион. 

Дека не станува збор за решавање на станбеното прашање, туку за сериозен инвестициски бизнис, покажува вкупната сума која се слеала во недвижности во 2025 година. За само 12 месеци, граѓаните и компаниите во Македонија потрошиле неверојатни 1 милијарда и 78 милиони евра на купопродажби на имот. Иако пазарот нуди сè — од ниви до деловни објекти — секоја трета трансакција во Македонија е купување на стан. Становите станаа доминантна валута, учествувајќи со речиси 33% во вкупниот пазар. Сепак, загрижува што во државата, најактивни на пазарот на недвижности се Скопје, Штип, Тетово и Гостивар, а речиси во 41 општина пазарот е речиси клинички мртов, па бројот на трансакции е помал од 50.

За апсурдот на пазарот на недвижности да биде поголем - државата за половина од трансакциите не знае од каде доаѓаат парите.

- Според она што го добивам како информација, проценка, околу 50 проценти од новопродадените станови се купуваат на кредит, другите 50 проценти се во готовина. Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за коишто не сакаме да зборуваме, има други институции коишто треба да го утврдат, секако и Народната банка, рече Трајко Славески.

Растот на цените на недвижностите почна со руската инвазија во Украина. Од 24 февруари 2022 растот на просечната цена на становите во Скопје скокнал за 46%, а барем засега ништо не навестува дека цените би можеле да се стабилизираат.