Македонија
6. February 2026 - 16:33

Растот на платите за 40% до 2028 за административците прифатлив за 95% од синдикалците од УПОЗ

Синдикатот на УПОЗ сѐ уште ја држи Владата во неизвесност. Иако најавија дека денеска на пладне ќе соопштат дали прифаќаат раст на платите за 40% до 2028 за 7.800 административци, Синдикатот својата одлука сепак ќе ја каже во текот на наредната недела. 

95% од синдикалните организации кои се дел од УПОЗ дале зелено светло, но се чека да се изјаснат сите.

- Од досега пристигнатите изјаснувања, 95% од синдикалните организации се изјаснија дека барањeтo на Синдикатот на УПОЗ кое е прифатено од страна на Владата за зголемување на платите е поволно и прифатливо. По изјаснување на сите синдикални организации, Синдикатот на УПОЗ во текот на наредната недела ќе оствари работна средба со претставниците на Владата на која ќе биде договорен опфатот и теркот на колективниот договор, велат од Синдикатот на УПОЗ.

Државната администрација има два репрезентативни синдикати, тој на УПОЗ кој е под Сојузот на Синдикати на Македонија и САДУ кој е под Конфередацијата на слободни синдикати. САДУ експресно ја прифати владината понуда. За Синдикатот на УПОЗ растот на плати е прифатлив, но проблем е што Владата условила со откажување од општиот колективен договор. Потписник на тој општ колективен договор е ССМ, а не Синдикатот на УПОЗ, па сега постои разногласие дали УПОЗ и воопшто може да се откаже од општиот колективен договор и како тоа правно да се изведе.

Неофицијално, Владата на вчерашната средба со синдикалците им дала рок до недела да кажат дали прифаќаат раст на платите согласно растот на минималната плата + 8% додатоци на плата секоја година со што до 2028 тие би добиле повисоки плати за 40%.

Дури и УПОЗ да ја прифати владината понуда, тоа нема да значи дека ќе престане притисокот кон Владата за зголемување на минималната плата на 600 евра. Синдикатот на УПОЗ не се откажува ова барање и без разлика на одлуката, барем според досегашните информации, ќе се приклучат на блокадите на ССМ кои треба да почнат во вторник.