Разрешен началникот кој сакаше без налог да ја уапси директорката од Демир Хисар
Началникот кој во петокот вечерта без налог проба да ја лиши од слобода директорката на средното училиште во Демир Хисар, денеска е разрешен од началничката функција. Како што информираа од МВР неговото разрешување доаѓа поради непристрасност и објективност во истрагата која се води за него.
Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка.
МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните.
Видеото на социјалните мрежи каде началникот бара директорката која е на боледување, но и со покачен притисок констатиран од брзата помош на носилка да биде однесена во полиција на разговор, предизвика сериозни јавни реакции.
Со осуда се јавија опозициските политички партии.
Од СДСМ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ зазлоупотреба на полицијата за партиски цели.
Од Левица пак, велат дека началникот од Демир Хисар претходно бил суспендиран за рекет, а министерот Тошковски го наградил со унапредување во началник.
Ова се скандалозните кадровски решенија на Панче Тошковски, кои сега спроведуваат безаконие и се обидуваат противправно да лишат од слобода лица по партиска наредба. Фактите за скандалот во Демир Хисар се јасни – началникот Мартиноски немал правен основ да лиши од слобода затоа што немало налог од суд, додека без налог од суд полицијата може да лиши од слобода во прецизно наведени случаи, кои не се исполнати во случајот со директорката од Демир Хисар.
Адвокатот Жарко Стевановски, соопшти дека заедно со директорката на училиштето Маја Лозановска во вторник ќе се јават на покана за информативен разговор, а потоа со началникот да одат во училиштето да се констатира кој обил во просторите, но и како бил извршен претресот.
Според директорката станува збор за партиски притисок, нејзино незаконско разрешување од страна на градоначалникот кој нема ингеренции и претрес во нејзиниот дом еден ден пред распишување на изборите барајќи печати, за да може да се вработи нов директор и наставници.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар