Реакции по условната казна за онкологот Пешевска
Незадоволство од условната казна за онкологот Мери Пешевска која е обвинета за тешки дела против здравјето на луѓето. Откако призна вина, судот ја казни со условен затвор од две години, кој може да стане ефективен само ако во следните пет години Пешевска го повтори кривичното дело. Засега, од Јавното обвинителство не кажуваат дали се задоволни со пресудата, чекале да ја добијат на писмено, па потоа ќе одлучат дали ќе испратат жалба до повисокиот суд.
„Висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот, а обвинителството се уште не ја добило пресудата и образложението за изречената казна. По приемот, јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе вложи жалба во однос на висината на санкцијата“, велат од Јавното обвинителство.
Запрашан како ја коментира одлуката на судот, премиерот Мицкоски појасни дека таквите пресуди се причината што доцни донесувањето на законите со кои треба да се зголеми буџетот за судството и обвинителството. Вели, парите ќе служат за покачување на платите на судиите и обвинителите, кои како што рече, има дилема дали и сега ги заслужуваат.
„Сакам јавноста да знае дека станува збор за шест закони каде што основната суштина е зголемување на буџетот од кој што директно ќе им имплицира зголемување на платите на обвинителите и судиите кои што имаат рејтинг од 2 проценти и секогаш чувствувам некаква мачнина бидејќи, тие и овие плати што сега ги зимаат не ги заслужуваат имајќи предвид вакви судски одлуки“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Со реакција се јавија здруженијата на судии и јавни обвинители. Објаснуваат дека парите кои би ги добиле со зголемување на буџетот се наменети и за плати на судските и јавнообвинителски службеници кои сега се помали од државниот просек.
Опозициската СДСМ смета дека со неусвојувањето на законите, Мицкоски покажал дека нема намера да спроведе реформи во судството. Велат, наместо независно и праведно, премиерот сакал судството да остане зарабено во неговиот партиски систем.
„Oваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не само што ја замајува јавноста дека опстојува на европскиот пат и реформската агенда, туку веќе со изјави на омаловажување и дискредитација на судиите и јавните обвинители, уште повеќе го разнишува нивниот кредибилитет, а со тоа и довербата на јавноста во правораздавањето“, изјави Снежана Калеска Ванчева, СДСМ.
Условната казна за Пешевска, судот ја аргуменитраше со признанието за вина, искреното каење на докторката и тоа што повеќе не дозволува друг лекар да го користи нејзиниот печат. Пресудата била поучна и требало да служи како предупредување за сите доктори.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар