Реална училишна компанија, од клупа на практична работа
Во регионалното Државно средно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се отвори училишна реална компанија. Во компанијата ќе работат учениците од електромашинската и угостителската струка, кои преку пракса ќе стекнуваат реални знаења и вештини.
-Училиштето ќе има своја компанија, која ќе функционира како посебен правен субјект, што ќе треба да остварува посебен приход, да ги понуди своите можности и да биде еден вид помош на компаниите, да зема работа од нив и од тоа да оствари приход за училиштето, изјави Јованка Шалева, директорка на ДСУ „Коле Нехтенин“- Штип.
Заради потребите на стопанството и за тоа каков квалификуван млад кадар им е неопходен, општината организира средба помеѓу директорите на штипските средни училишта и бизнис секторот.
-Покануваме преставници од повеќе институции кои ги презентираат своите наоди за тоа каква е побарувачката на пазарот на трудот, односно, кои се потребите и на кој начин треба средните училишта да одговорат на тие потреби, изјави Снежана Санева, раководител на сектор за јавни дејности, ЛЕР и образование, ЛС-Штип.
Наставната програма мора да биде прилагодена и надополнета со практична обука.
-Преку целата година имаме ученици кои доаѓаат на пракса и тоа е веќе готов кадар кој подоцна може да се вработи во нашиот сектор, изјави Маја Балова Јованова, претставник на приватна компанија.
-Да воспоставиме практичен однос со самите компании, за да можеме да размилуваме за отворање на нови смерови во нашето училиште, изјави Марина Варадиновска, директорка на средното текстилно училиште “Димитар Мирасчиев“- Штип.
Средното медицинско училиште „ Јане Сандански“ во моментот има 16 паралелки вклучени во дуалното образование, кои реализираат практична настава во јавното и приватното здравство.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
