Македонија
9. February 2026 - 16:37

Речиси 5000 казни за една недела од Сејф сити, најголем број за брзо возење

Една недела откако системот Безбеден град стапи во функција, камерите покажаа дека најчестиот сообраќаен прекршок е токму брзото возење. Во изминатите седум дена, регистрирани се близу 5.000 прекршоци, од кои дури 4.674 се за возење со брзина над дозволената.

Доколку возачите не сакаат да плажаат казни кои се движат од 15 до 500 евра, ќе мора да се прилагодат на правилата, за возењето во град е дозволено до 56 км на час, додека на автопат се толерира ако возите 12км на час над дозволеното.

На црвено поминале 163 возачи, додека пак сообраќајната дозвола им била со измината важност на 154, за што полицијата ги казнила. Но сепак над 22.000 возачи сепак поминале само со предупредувачка СМС порака од полицијата, дека возат над дозволената брзина но во оние рамки каде полицијата ги толерира, а не ги казнува.

За една недела откако функционира сејф сити, полицијата одзела дури 41 возило. Од МВР објаснуваат дека возилата се одземаат по насока на јавен обвинител.

Инаку според новите измени на Кривичниот законик, за безобзирното управување со возило односно под дејство на алкохол од најмалку 1,5 промили, или под дејство на психотропни супстанци, возење во забранет правец или возење со брзина над 70км на час над дозволената претставува кривично дело за кое е предвиден затвор до 3 години или парична казна.

Претходно се третираше како прекршок, сега како кривично дело, според кое МВР автоматски има можност да го одземе возилото, додека пак во судска постапка може и трајно да биде одземено.