Ревитализација на бања во с. Бања високо на агендата на О. Чешиново-Облешево
Термалниот потенцијал на село Бање повторно се враќа во фокусот на локалните развојни планови на Општина Чешиново – Облешево. Локалната самоуправа иницира процес за активирање на просторот каде што некогаш функционирал бањски центар, со намера истиот да добие нова намена и современ изглед.
Aдминистративните пречки поврзани со сопственоста се надминати и целата површина со која располага поранешниот центар сега е во сопственост на општината.
-Село Бање е составен дел на Општина Чешиново Облешево. Таму имаме како општина еден ресурс кој години наназад е неискористен и за жал не придонесува ниту во развојот на туризмот, ниту на угостителството во општината. Затоа, уште во првиот момент како градоначалник имам идеја и визија како и на кој начин тој објект да прерасне во еден голем балнолошки центар, изјави Јорданче Костадинов, градоначалник на Општина Чешиново – Облешево.
Костадинов посочува дека постои сериозен интерес од потенцијални инвеститори, а концептот на идниот центар ќе се темели на позитивни искуства од веќе етаблирани бањски комплекси во земјата и странство.
-За среќа интересот е доста голем. Има луѓе кои сакаат да инвестираат во оваа гранка. Инвеститорите со кои сум во контакт сакаат да вложат таму големи финансиски средства, милионски суми с ево прашање, во евра зборувам и се надевам дека за скоро време ќе видиме нешто конректно, додаде Костадинов.
Паралелно со оваа иницијатива, се разгледуваат и можности за поширок туристички развој, при што посебен акцент се става на етно-туризмот, како дополнителна содржина што би ја збогатила понудата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
