Македонија
31. May 2025 - 16:39

Салите во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп отворени и оспособени за одржување на настани, актерите бараат нов театар

Откако пред 2 месеци инспекторатот при ДЗС ги затвори големата сала и кино салата во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп поради небезбедост за публиката при појава на пожари, тука беа преземни серија мерки со кои што од денес салите се отворени, а вечерва тука ќе се одржи и најновата премиера на прилепскиот театар „Чиста куќа“. Се санираше хидрантската мрежа, се демонтираше стариот радиоактивен громобран и се постави нов, се набави нов агрегат за челичната завеса која ја дели сцената од салата во случај на пожар, се отворија нови врати во киното и се реновираше системот за дојава на пожари. Но за жал старат театарска зграда која исто тогаш беше затворена, најверојатно така и ќе остане во иднина. 

„Иако нели театарот останува затворен се надевам дека тој предизивик ќе ни претставува мотивација за да конечно го решиме прашањето околу иднината на театарот, затоа што овој град заслужува нов современ театар кој е достоен за културното наследство и талентот кој го поседува“, рече Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.

Актерите се среќни што конечно некаде ќе можат да играат, но од друга страна велат дека ако и во иднина се играат претстави во салата во Цепенков треба нејзино приспособување, бидејќи таа не одговара за таа намена. Но сепак порачаа дека Прилеп заслужува и треба да добие нов театар, нешто што се ветува со години, а не се исполнува.

„Иако театарот ги затвори за публика театарот не престана ниту во еден момент да работи. Докажавме дека уметноста нема ѕидови и дека таму каде што има приказна има и публика, има и театар. И народниот театар ќе продолжи да работи. Извинете што сум емотивен, но затворањето на театарот нас прилепските актери тоа премногу не повреди. После објавата за најновата наша премиера „Чиста куќа“ претставата беше откупена за само 20 минути. Тоас е доказ дека Прилеп треба да има театар, дека театарот треба да живее и дека Прилеп има публика која треба да се храни и негува“, истакна Михајло Миленкоски, раководител на театар Прилеп.

Инаку од 6 до 13 јуни тука ќе се одржи и 59-тро издание на МТВ „Војдан Чернодрински“, а продажбата на влезниците ќе започне од 2 јуни. Истите ќе може да се купат и онлајн.