Македонија
11. July 2025 - 16:42

Се одложи судењето за „Онкологија“, обвинета имала стомачен вирус

Со приговори за вештачењето од Словенија почна судскиот процес за случајот „Онкологија“. Одбраната на обвинетите, тврди дека, лекарот кој го изготвил извештајот не се наоѓал на листата на вешти лица во Словенија, за што, како доказ, доставиле потврда од словенечкото Министерство за правда.

Обвинителството, пак, ваквото барање го смета за беспредметно. Според јавната обвинителка Ана Гоговска – Јакимовска, словенечките институции го одредиле вештакот согласно нивните закони.

На обвинителна клупа се поранешниот директор на Онкологија, Никола Васев и докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Се товарат за несовесно лекување и тешки дела против здравјето на луѓето.

Докторката Мери Пешевска денеска не се појави во судницата поради стомачен вирус. Нејзиниот адвокат тврди дека во целата постапка таа била злоупотребена.

Отсуството на обвинетата докторка го одложи стартот на судењето за петти септември. Обвинителството води уште еден предмет за Онкологија. За злоупотреба, измама и проневера ги гони Васев и поранешниот организациски директор Нухи.