Секое петто боледување во МВР е неуредно или неправилно

Фондот за здравствено осигурување по барање на Министерството за внатрешни работи во втората половина на 2025 година изврши детална контрола на боледувањата на вработени во МВР со која се опфатени 80 осигурени лица со 514 боледувања. Утврдено е дека кај 29 лица од нив, има неправилности во издадените боледувања (околу 37 отсто), односно околу 100 боледувања од вкупно 514 се неуредни или неправилни (околу 20 отсто).
Ова денеска го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, кој рече дека контролирани се 105 приватни здравствени установи, главно ординации по општа медицина (98), како и неколку по гинекологија и акушерство (четири) и стоматологија (три). Неправилности биле констатирани кај 29 здравствени установи (27 од општа медицина и две од гинекологија) во кои биле издадени овие 100 неуредни боледувања.
Контролирани се и првостепените и второстепените лекарски комисии за долгите боледувања.
Тој посочи дека неправилности се констатирани и кај три специјалисти во јавни здравствени установи, значи, тоа се боледувања издадени врз основа на специјалистички извештај, а констатирани се неправилности во издавањето кај две првостепени лекарски комисии во два града.
Најчесто, појасни тој, се работи за неисполнување на задолжителни дијагностички постапки за издавање боледување, чисто како илустрација: ако е лумбаго, треба да има рендген снимка за да се потврди дека е лумбаго.
Десет од овие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување, што бил еден од показателите дека има проблем. Најголем број злоупотреби се правеле во испрекинатите боледувања, односно тие кои траеле седум дена и тие лица менувале матични лекари.
Од вкупниот број боледувања, 258 траеле до седум дена, 171 до 15 дена, а 83 биле со траење од 30 или повеќе дена, а најчесто користени дијанози при нивно издавање биле болести на респираторниот систем (82 случаи), на мускулниот систем и сврзното ткиво (69 случаи) и на дигестивниот систем (45 случаи).
-За овие неправилности се покренати казнени постапки. Вкупната казна изнесува 1,2 милиони денари за овие приватни и јавни здравствени установи кои беа опфатени со контролата. Ова е мал дел од извршените контроли. Вршиме редовни контроли по барање на работодавачите. Цело време постапуваме по барања за контрола на боледувањата, а најчесто се од МВР, Царина и Одбрана. Ние имаме високо ниво на боледувања и во јавното здравство, рече Клековски.
Според него, во најмалку две клиники во овој момент 20 отсто од вработените се на боледување, но ЈЗУ не бараат контрола на боледувањата. Појаснува дека мора некој да побара за да извршат контрола, бидејќи не се прави контрола по допрен глас, туку мора работодавачот да побара да се контролираат боледувањата.
Потенцира дека одобрен е двегодишен европски проект за интероперабилност на ФЗО и МојТермин и едно од приоритетните подрачја за ФЗО ќе бидат боледувањата и додаде дека неопходен е интегриран систем на боледување, за да знаат колку боледувања има во земјава, бидејќи тие што се до 15 дена се регистрирани само во МојТермин и Фондот нема пристап, а тие кои се над 30 дена ги имаат затоа што ги исплаќаат.
Ново на Сител
-

Дизелот поскапува за 3.5 денари, цените на бензините остануваат исти
-

Трамп ги одложи нападите врз иранските електрани на 5 дена
-

ФЗО констатирал злоупотреби кај секое 5-то издадено боледување на вработени во МВР
-

Средба Муцунски - Кос во Брисел, се бара достоинствено решение на спорот со Бугарија
-

Мицкоски потврди - владина реконструкција во мај или јуни
-

Препораките на ОБСЕ/ОДИХР - основа за измена на изборниот законик
-

СДСМ бара надзорна расправа за примената на Законот за македонскиот јазик - од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат
-

Рекордни 94 годишнини ќе бидат прославени годинава, исклучено одбележувањето на 15-годишнината од смртта на Доста Димовска
