Семејните колекции голема помош за државните архиви
Се поголем број на граѓани своите приватни колекции и архиви, од документи, фотографии и предмети се одлучуваат да ги донираат на прилепскиот архив, наместо да им стојат дома по таваните и подрумите во несоодветни услови.
Голем број од овие архивски материјали даваат ново светло врз одредени историски личности и настани и помагаат во зачувување и откривање на нашата историја. Од архивот се доста задоволни од оваа соработка со граѓаните.
„Ние во последните 2 години успеваме да собере доста архивски материјал од приватни иматели. Работиме транспарентно на терен и благодарност кон семејствата кои подаруваат материјал. Ние го средуваме тој материјал, обработуваме, го дигитализираме и во дигитална форма им го предаваме материјалот кој што го дарувале“; вели Елена Чагороска, раководител на прилепскиот архив.
Од архивот на Македонија велат дека во моментов се преговарало со семејствата на Горан Стефановски, Страхил Гигов и поетот Анте Попоски, дел од нивната документација да се донира во архивот.
„Тоа не се само документи кои се битни за општетствена комуникација, туку тука има и некои приватни преписки со значајни личности кои можат да дадат придонес во анализата на одреден историски период од страна на студенти, експерти и историчари кои се разбира се значајни за нас“, рече Игор Крстески, директор на државниот архив на Македонија.
Но освен што донираат материјали, граѓаните исто така имаат голема потреба и решаваат бројни проблеми токму со сите овие документи кои се наоѓаат во архивските депоа.
„Најчестите барања доаѓаат околу решавање на пензиско инвалидскиот стаж. Најголем број барања се околу тоа. Инаку барателите се делат по 4 групи. Решаваат проблеми од урбанизам, имотно-прави односи, неодредени барања и барања за стручна подготовка, односно изгубени свидетелства и дипломи. Односно книгите се заштиитении во нашата институција и по тој основ ние можеме да им помогнема на граѓаните, но како што кажав и на почетокот најголем дел од барањат доѓаат за решавање на пензиско инвалидскиот стаж“, додаде Дејан Проданоски, советник архивист.
Поради големиот број активности кои прилепскиот архив ги имаше во последните неколку години, годинава тој ја претставуваше Македонија на Светскиот ден на архивите со изложбата на светски познатиот прилепски уметник Слободан Михајлоски Данче, чии дела неговото семејство ги подари комплетно на архивот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар