Семејствата на починатите од „Пулс“ да се вклучат во кривичниот прогон
Привршува истрагата за пожарот во кочанската дискотека. По распитот на осомничените и бројните сведоци, идната недела ќе се сослушуваат и најблиските на починатите. Јавното обвинителство ги повикува да им објасни како да се приклучат на кривичниот прогон, но и да ги кажат своите сознанија за случајот.
„Преку исказите дадени пред јавен обвинител, тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон. Ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката. Ваквите сослушувања се поединечни и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите да се произнесе во однос на правата како оштетени. Тој во својот исказ ќе може да предложи и други лица од семејството кои евентуално имаат сознанија за настанот“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство..
Средбите ќе се одржуваат идната недела, а во следните два дена, обвинителството ќе ги контактира семејствата преку волонтерите од „Support Kocani“.
„Јавното обвинителство, согласно своите законски овластувања, во текот на целата постапка посветува особено внимание и грижа за жртвите на овојтрагичен настан. Воедно, се уште активен е и повикот на обвинителството до сите останати кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата“, велат од Јавното обвинителство.
Во меѓувреме, од притвор излезе поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу. Според одлуката на Апелациониот суд во Штип, не постоела опасност од бегство, па притворот му е заменет со мерки на претпазливост. Одземена му е патната исправа, а добил и обврска двапати неделно да се пријавува во скопскиот кривичен суд.
Неодамна судот одреди куќен притвор за поранешниот министер за економија Кршеник Бектеши.
За пожарот во Пулс, обвинителството води истрага за околу 60 лица, под сомнеж дека сториле тешки дела против општата сигурност што се казнува со затвор и до 20 години. Досега неколкупати, државниот обинител изјави дека истрагата ќе заврши до средината на идниот месец по што ќе биде познато дали со обвинението ќе бидат опфатени и други лица.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар