Македонија
10. November 2022 - 16:42

Сериозни проблеми со термините за мамографија

Во наредните 3 месеци нема термин за мамографија во јавните здравствени установи во Скопје каде има вакви апарати. Иста е сликата и во Битола, Кавадарци, Велес и други градови. Некаде се чека и по месец и половина. Пациентки кои сакаат да направат испитување за рак на дојка реагираат дека за вакво снимање се принудени да плаќаат во приватни болници.

- Јас само на приватно правам мамографија, никогаш не можам да најдам термин во државно здравство, се пожали гледачка во емисијата Магазин здравје на Сител.

Министерот за здравство изјави дека проблемот со термините за мамографија ќе бил надминат после Нова година до кога требало да стигнат нови апарати во повеќе болници во државата. Во меѓувреме на почетокот на месецот повторно продолжи бесплатниот скрининг за рано откривање на рак на дојка за жените од 45 до 69 години. Беким Сали причината за немање термини во повеќе здравствени установи не само за мамографија туку и за магнет или компјутер ја гледа во застарената опрема која често се расипувала како и нерационалната распределба на апаратите.

- Потпишан е договорот за инсталација на најсовремена опрема во најмалку 12 јавни здравствени установи. Од јануари нема веќе да разговараме дали има термин за мамографија во другите градови, изјави Беким Сали, министер за здравство.

И Премиерот се согласува дека пациентите имаат проблем со термини за дијагностика и смета дека здравствените услуги во државата можат да се подобрат многукратно, а не болни од рак со месеци да чекаат резултати.

- И јас сум имал болни од рак во моето семејство и сме поминувале процес на чекање, но низ тие лични искуства ќе сфатите дека тие кои се задолжени за управување со системот треба да работат на негово унапредување. Ние во државата имаме врвни доктори, имаме опрема што е на врвно ниво, изјави Премиерот Димитар Ковачевски.

Според Ковачевски во земјава треба да се воспостави систем кој ќе работи за граѓаните за да имаат подобар живот, а решението го гледа државата да стане членка на Европската Унија.