Шилегов и Деспотовски контра Филипче, тој ги обвинува за соработка со власта
„Петтоколонаши и соработници на власта поради лични интереси – платени или уценети“. Вака Филипче ги коментираше последните критики упатени на негова сметка и на раководството на СДСМ, од поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Шилегов синоќа, во ТВ-интервју, побара оставка од Филипче и најави дека по конгресот лидерот ќе се соочи со незадоволство од половина од пратеничката група и од неколку градоначалници, бидејќи, како што рече, партијата била сведена на трета во Македонија и петта во Скопје. Сличен став има и Јован Деспотовски, кој исто така бара оставка, но и извинување за нападите што ги доживува од сопартијците.
Филипче вели дека извинување нема, а обвинувањата ги отрфла.
Лидерот на СДСМ ги отфрли и критиките дека не се појавил на лидерската средба, како и дека не го поддржал проектот „Сејф сити“. Според него, истиот вокабулар што го користат Шилегов и Деспотовски го употребува и ВМРО-ДПМНЕ. Ги повика критичарите своите забелешки да ги изнесат на партиските форуми и на конгресот во сабота.
Оставка нема да поднесе.
Филипче вели дека СДСМ во моментов останува најјака опозиција, бидејќи е најнападната од власта, особено во моменти кога партијата објавува афери. По конгресот не очекува никакви проблеми, напротив, смета дека СДСМ ќе се проширува со приклучување на помали партии, меѓу кои и онаа на Рубин Земон.
Шилегов и Деспотовски го критикуваа Филипче и пред Нова година. И двајцата тогаш тврдеа дека не размислуваат за формирање нова партија. Од друга страна, неофицијално, друго незадоволно крило во СДСМ, предводено од Игор Ивановски и Андреј Петров, веќе подготвува ново партиско делување.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
