Македонија
26. May 2021 - 12:49

Штип: Цели населби немаат вода додека соседите си ги наводнуваат нивите

Жителите на штипската приградска населба Караорман имаат долг за неплатена услуга за водоснабдување од 1 милион денари кон ЈП Исар. 

Анализите покажале дека, 180 семејства енормно трошат вода и до 550 метри кубни дневно, која наместо за пиење и лична хигиена, се користи за наводнување на оранжериите.

И додека едни трошат вода во изобилство, нивните комшии немаат вода за пиење и по неколку денови.

- Со кражба ги наводнуваат и од таму се јавува проблемот со водоснабдувањето, посебно во погорниот дел на населбата. Одредени луѓе не можат да сфатат дека таа вода е навистина скапа, таа вода е озонирана и хлорирана - изјави Здравко Коцец, директор на ЈП „Исар“ - Штип. 

Од „Исар“ извршиле контрола и утврдиле дека водата од градскиот водовод која се користи за наводнување не се фактурира, односно се зема преку диви приклучоци кои се поставуваат пред водомерите.

- Доколку се установи дека има кражба, тоа е предвидено со член 235, каде се предвидува затворска казна од една до три години - додаде Коцев.

Поедини домаќинства кои користеле вода преку водомерите, генерирале долг за неплатена вода и до 77.000 денари за едно годишен период.