Штипските пензионери останаа без дрва
Над 500 штипски пензионерски семејства тешко ќе ја презимат претстојната зима. Тие преку Здружението на пензионери од март на рати исплаќаат огревни дрва, но дрва за нив нема по договорената цена. Две фирми добавувачи не сакаат да им испорачаат околу 3000 кубни метри дрва, според однапред договорените 3 400 денари за буково и 3 500 денари за дабово дрво. Од Здружението велат дека ова е трета по ред корекција на цената, а не постои никаква гаранција која би била новата понуда, па затоа донеле решение да ги извадат парите од банка и да им ги вратат на своите членови кои уплатиле. Договорено е и добавувачите да ги контактираат пензионерите, секој поединечно и доколку се согласат со новата цена или количина, да добијат дрва по новите услови.
- Човекот рече, 4000 денари се сега дрвата, ако се толку, тогаш задржете ги парите. Ама тие не можеа да му гарантираат дека таа цена ќе остане и му рекле да си ги земе парите и тој си ги зема. Сам ќе си набавам како што знам, изјава пензионер од Штип
Некои пак од греење на дрва се откажале поради здравствени причини.
- Не можам да цепам, да носам нагоре-надолу, значи се греам на струја- изјава пензионер
Цените на дрвата се во енормен пораст последните два месеци. Метар кубен огревно дрво се продава и по 4 500 денари. Од Национални шуми ова го објаснуваат со двојно зголемената побарувачка во споредба со лани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар