Што треба да поседува новиот државен јавен обвинител?
Пет кандидати, судии и јавни обвинители ги испратиле своите кандидатури за позицијата државен јавен обвинител до Собранието. Иако рокот заврши на полноќ, од Собранието ќе чекаат до утре во случај некој да ја пратил својата кандидатура преку пошта.
Обвинителките Ленче Ристовска, Лидија Раичевиќ како и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска се во трката за шеф на државното јавно обвинителство, како и судијата Ненад Савевски и поренешниот претседател на кривичен Владимир Панчевски.
За јавноста е јасно дека оној кој ќе биде избран за нов републички јавен обвинител ќе биде ставен пред тешка задача, во време кога довербата во правосудниот систем е со поразителни 2%, а според последните анкети на МЦМС за минатата година над 70% од граѓаните сметаат дека обвинителите се вмешани во корупција.
Што треба да поседува идниот републички јавен обвинител? Пред се интегритет и одговорност да ги спроведе законите во име на граѓаните и државата, вели за Сител поранешниот државен обвинител Ставре Џиков.
Врвен познавач на кривичното право, професионалец кој треба да ги исполни очекувањата на граѓаните, а според уставната позција иако тој е самостоен, не е назависен и затоа треба да ја следи и казнената политика што ја креира
Владата, смета Љупчо Шврговски кој беше државен јавен обвинител од 2007та до 2013 година.
Откако Советот на јавни обвинители ќе даде оценка за кандидатите, имињата ќе бидат испратени до Владата која ќе треба да одбере еден кандидат, кој после треба да биде изгласан во Собранието од 61 пратеник за да стапи на функцијата државен јавен обвинител.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
